| четврток, 6 декември 2018 |

Триесет години од филмот „Среќна Нова ’49“

По дотогаш најголемиот успех на македонската кинематографија на 33. Пулски филмски фестивал, каде што филмот „Среќна Нова `49“, во продукција на „Вардар филм“, добива Голема златна арена за најдобар филм, Гордан Михиќ добива Златна арена за најдобро сценарио, Душко Костовски – Златна арена за машка епизодна улога, Љупчо Константинов – Златна арена за музика, Радмила Иватович добива Златна арена за маска, Златен гладијатор добива Столе Попов… во Скопје на 6 октомври 1986 во 20.30 во кино „Вардар“ е одржана македонската премиера на филмот.

%d1%81%d1%80%d0%b5%d1%9c%d0%bd%d0%b0-%d0%bd%d0%be%d0%b2%d0%b049_2

Триумфот на овој филм на смотрата на југословенски играни филмови беше дочекан еуфорично во Македонија, но таа еуфорија од почетокот на неговото прикажување се покажува оправдана еве веќе и по 30 години. СРЕЌНА НОВА `49 не заврши како филм што го искористил моменталниот политички миг туку остана како филм со трајни естетски вредности. Овој филм, што раскажува приказна за распаѓањето на едно семејство, во турбулентниот повоен период оптоварен од резолуцијата на Информбирото што придонесоа до раскинување на врските на Југославија со Советскиот Сојуз, и по 30 години зрачи со свежина, не само со вонвременскиот пристап кон  темата, туку и со иновативниот пристап на авторите, пред се на Столе Попов.

%d1%81%d1%80%d0%b5%d1%9c%d0%bd%d0%b0-%d0%bd%d0%be%d0%b2%d0%b049_3

На 29 ноември (вторник) со почеток во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажана новореставрираната копија на СРЕЌНА НОВА `49 во присуство на дел од екипата што учествуваше во снимањето на овој филм.

%d1%81%d1%80%d0%b5%d1%9c%d0%bd%d0%b0-%d0%bd%d0%be%d0%b2%d0%b049_1

Дејството на филмот започнува во јуни 1948 година. Група југословенски студенти,  на школување  во СССР, по несогласувањата меѓу двете земји се враќаат дома. Меѓу другите, тука се и Драгослав, неговата девојка Вера и блискиот пријател Градимир, кого раздвојувањето со СССР го доведува до низа внатрешни конфликтни ситуации, кои конечно кулминираат со чинот на неговото самоубиство на железничката станица во Суботица. Истрагата во врска со самоубиството започнува веднаш, и Драгослав, како негов пријател и сопатник, дава објаснување за мотивите на самоубиството. Семејството на Драгослав го очекува неговото враќање, дотолку повеќе што неговата мајка, тешко болна, е пред умирање. Таткото Стојан, по професија каменорезец, се грижи за егзистенцијата на семејството. Тука се и неговата сестра Нела, во годините кога престанува да биде дете, и браќата – помалиот Коле, и Коста – гимназијалец кој пред матурата заминува од училиштето. Тој се занимава со црноберзијански работи. За него нема повеќе авторитети, како што нема ни непознаници во живеењето „на работ“. Драгослав дома ја доведува и Вера со која сака да се ожени. Првата средба на Драгослав и Коста завршува со тепачка поради желбата на постариот брат Коста да живее и да се однесува во согласност со нормите на граѓанскиот живот. Непосредно потоа Драгослав е одведен од ОЗНА. Тој е обвинет дека е советски агент и е задржан во истражниот затвор… Проекција на нова дигитално реставрирана филмска копија во присуство на дел од екипата на филмот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top