Фестивалот на европски филм „Синедејс 2016“ во Скопје се затвори со хрватскиот филм „Устав на Република Хрватска“, чијшто копродуцент е Македонецот Дејан Милошевски и неговата куќа „Револушн продакшн“, а филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија. Филмот е на познатиот и многу популарен режисер Рајко Грлиќ, а музиката ја напиша нашиот Дуке Бојаџиев. Во филмот игра одлична актерска екипа предводена од српскиот актер Небојша Глоговац, потоа Ксенија Маринковиќ, Дејан Аќимовиќ, а помала улога има и нашата актерка Јелена Јованова. Филмот беше прогласен за најдобро остварувањена филмскиот фестивал во Монтреал, Канада.
Актерот Дејан Аќимовиќ толкува една од главните улоги во филмот. Тој во интервју за „Република“ признава дека секогаш со задоволство доаѓа во Скопје и во Македонија. Публиката го памети во македонските филмови „Збогум на 20 век“, „Илузија“ и „Бал-кан-кан“.
Во интервјуто говори за тоа како е да се снимаат филмови во Хрватска, за актерската професија, за љубовта и за омразата.
Филмот „Устав“ на режисерот Рајко Грлиќ е филмот, чијашто премиера се очекуваше со нетрпение. Сега ги урива сите рекорди на гледаност. Дали, додека го снимавте филмот претчувствувавте дека ќе биде така? Знаевте ли дека снимате добар филм?
АЌИМОВИЌ: Кога ќе се случи добар филм, најчесто сите велат: знаев…или ви велев дека ќе биде добар или, пак, уште од првото читање на сценариото знаев дека ќе биде полн погодок. Ова што сега ќе ви го кажам, навистина, звучи како фраза, ама така е. Уште од првото читање на сценариото реков дека во раце имаме многу интригантно сценарио и имаме шанса да направиме одличен филм. Посебно, кога во екипата дојде и Небојша Глоговац. Тогаш бев 100 отсто сигурен во тоа. И Рајко и Анте може да ви потврдат.
Екипата на филмот доаѓа на скопската премиера со која се затвора 15. Фестивал на европски филм „Синедејс 2016“. Првпат сте во Скопје или во Македонија?
АЌИМОВИЌ: Скопје е еден од моите најомилени градови во кои сум работел и секое доаѓање во Скопје многу ме радува. Имам многу пријатели во Скопје и многу убави спомени ме врзуваат за него. Во Македонија снимив три филма и тоа „Збогум на 20. век“, „Илузија“ и „Бал-кан-кан“ и секој почеток на работата на филмот беше во Скопје.
Дали е тешко да се сними добар филм во Хрватска?
АЌИМОВИЌ: Тешко е како и во секоја мала сиромашна кинематографија во која нема пари за филм и во која уметноста е на работ на преживување. Постојано се надеваме дека ќе дојде некоја нова власт и дека ќе биде подобро бидејќи постојано нешто ветуваат додека се борат за власт. Но, како што стојат работите, ние уште тапкаме во место.
Во најавата на филмот е слоганот дека ова е љубовен филм за омразата. Како тоа? Одат ли љубовта и омразата заедно?
АЌИМОВИЌ: Една стара поговорка вели: Кој се мрази, тој се сака. Не е добро кога љубовта ќе премине во омраза. Тогаш се случуваат грди работи.
Храбар ли е тој денес што не се крие од тоа што е, а патем и сака?
АЌИМОВИЌ: Секако дека е храбар бидејќи живееме во свет полн со предрасуди. Во свет во кој не се прифаќа и не се сака тој што е поинаков. Таа омраза е посебно изразена против тие што се со поинаква сексуална ориентација. Овој филм покажува дека не е страшно да се биде хомосексуалец, а ни Србин. И тие се луѓе како и другите, и тие сакаат и мразат, слават родендени како и сите ние, сакаат кошарка или сликарство, сакаат убава музика.
Дали кај актерите се „трошат“ душата и телото?
АЌИМОВИЌ: И тоа како се трошат. Затоа е потребно одвреме-навреме да се отиде на ремонт. Затоа американските актери се многу успешни. Затоа што првенствено се одлично платени за својата работа и не одат од еден на друг проект за да преживеат. Уште не сум чул кај нас дека некој актер од главната филмска улога купил автомобил или стан. За да си осигури и барем малку подобри услови за живот, тој мора крваво да работи и тогаш трошењето е неминовно. Се сеќавам дека играв главна улога во една претстава и паралелно снимав една од главните улоги во еден филм. Кога ќе дојдев дома навечер мртов уморен се чувствував како исцедена крпа.
Како е денес да се биде актер во Хрватска?
АЌИМОВИЌ: Секогаш е убаво да бидеш актер, без разлика кај си. Уште да имаше повеќе пари и да се живее подобро, тогаш би било фантастично да бидеш актер.
Режисерот на филмот Грлиќ вели дека малите народи преживуваат само со помош на култура, а не на политика. Дали се согласувате?
АЌИМОВИЌ: Културата е заштитно тело и препознатливост на еден народ, а не политиката. Политиката е нужно зло со кое сме поврзани, но не по своја волја. Би било фантастично кога политичарите би сфатиле дека културата е тоа по кое светот нè препознава. Еден Иван Мештеровиќ, Иво Погорелиќ, Вук Караџиќ или Иво Андриќ направиле многу повеќе за нашиот народ отколку сите политичари заедно.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 221. број на неделникот „Република“ кој излезе во печат на 25. ноември 2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.