Наградата „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар краток филм снимен со мобилен телефон на 7. Мобил фестивал ја доби филмот „Зошто?“ на Мурат Жерка. Наградата е стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА од Скопје.
– Филмот со својата социјална ангажираност успешно му нуди одговор на гледачот. Одлично го поставува проблемот со загадувањето, особено актуелен денес, а нуди и успешен приказ на невиноста на децата и наближувањето на опасноста која се наѕира во мечето што носи гас-маска, оцени жирито на фестивалот: Ванчо Мираковски, монтажер, Дамјана Ивановска, филмолог и Сребра Ѓорѓијевска, новинар.
На фестивалот што се одржа во Кинотеката на Македонија беа избрани најдобрите автори во пет категории. „Рекурзија“ во режија Анастасија Точевска доби награда за најдобар филм во домашната програма „Млади таленти“, „Сонар“ на група уметници од Филмската академија Баден-Виртемберг во Лудвигсбург, Германија, доби награда за најинвентивен филм, „Еден, Два, Монолози“ во режија Блерина Гоце од Албанија доби награда за најоригинална приказна и филмот „Меурчињата не лажат“ во режија Штепан Етрих од Чешка е награден за најдобра идеја.
Фестивалот го организираше „КТ Филм и Медиа“ со поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија, Град Скопје, МЕПСО, Кинотеката на Македонија и Младинскиот културен центар.
Во рамки на 7. Мобил фестивал беа одржани две работилници за стоп-анимација – едната за деца, во соработка со фестивалот „Синедејс“, а другата во соработка со гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.