Насилството на изборите е измислица и патент на СДСМ. Да не се лажеме, досега најчисти, најфер и демократски гласања имало во 1992 година. Беа организирани од Петар Гошев: Народот излезе, си гласаше така како што мислеше. Да се вратиме назад. 1994 година ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Петар Гошев го откажаа вториот круг на избори затоа што беа испокрадени во првиот круг. За каков Избирачки список се работеше тогаш, знаат ли граѓаните на РМ дека оние што ги немаше на список ги допишуваа со пенкало. И потоа кога ги броеја гласовите, допишаните со пенкало не ги пресметуваа за да може Глигоров да помине во партијата, и така Глигоров стана претседател. Далеку од тоа дека Глигоров немаше да го победи Љубиша Георгиевски. Да бидам искрен, беше многу посигурен и поавторитативен кандидат. Глигоров ќе победеше и без тие заврзлами, само немаше тоа да биде во првиот круг. Меѓутоа, тие направија фалсификат. Има историја, може да се отворат документи, тврди Јакимовски во интервју за Република.
Претседателот на ГРОМ одговарајќи на прашањето дали параполициските структури на СДСМ можат да го нарушат кредибилитетот на изборниот процес, открива како СДСМ го освоила Карпош во 1996 година благодарение на извршен фалсификат на војничките гласови ноќта по изборите, но и во исто време изразува увереност дека овие структури доколку се обидат да направат такво нешто сега ќе го извлечат подебелиот крај.
- Во Карпош во 1996 година Сашо Кузмановски ги загуби изборите и ноќта двајца членови на СДСМ влегоа во гласачкиот материјал и направија фалсификат со војничките гласови. Така Кузмановски победи со 74 гласа. Се сеќавате на „Хард рок“, јас во 1996 и во 1998 година сум бил нивни политички противник, прво како кандидат за градоначалник и после како кандидат за пратеник во изборната единица во Карпош, и знам какви битки водевме против Есад Рахиќ и неговата структура, односно неговите рекетари. Знае граѓанството што сѐ се случуваше на изборите, и 1998 година, и 1996, и 1994 година. И тие се обидуваат повторно да ги реафирмираат тие структури. Длабоко сум убеден дека не се доволно кадарни и немаат доволно сила и капацитет, дека си играат со оган, владејачката партија во тој дел, ако дојде до таква работа, е многу посилна и е многу поподготвена, и мислам дека само ќе го извлечат подебелиот крај, а ќе направат штета на државата. Интерес на секој граѓанин на РМ, интерес на сите нам што сме актери во политиката е Македонија да има достоинствени, мирни и кредибилни избори онака како што одговара на цивилизиран народ во 21 век. Ќе биде страшно ако во 2016 година имаме полоши избори од 2002 година кога Љубчо Ѓорѓиевски ја предаде власта или од 1998 година кога Бранко Црвенковски ја предаде власта на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека таква екскурзија никој не смее да си прави, а, од друга страна, одговорноста на СДСМ е многу поголема во овој дел затоа што сега министерот за внатрешни работи е нивни и ако сакаат да покажат дека се неспособни, тогаш треба да дозволат вакви работи да се случуваат на изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.