| четврток, 6 декември 2018 |

Батон: Хамилтон може да си дозволи да ме потплати да се удрам во Нико

dzenson-baton

Претстојниот викенд во Абу Даби ќе се вози последната, 21. трка од тековниот шампионат во Формула 1. Не само што на Јас Марина патеката ќе биде одлучен и светскиот шампион туку ноќната трка во Обединетите арапски емирати ќе биде последна во кариерата на Џенсон Батон и на Фелипе Маса кој воедно ќе одбележи и јубилеј од 250. стартови на трки.

И додека Бразилецот во неколку наврати истакна дека се надева на пристојна трка за пензија, Батон ја искористи својата последна прес-конференција пред трка за да се пошегува со сите љубители на најпопуларниот автомото спорт.

За да ја освои својата четврта шампионска титула во Ф, Луис Хамилтон мора да победи на трката в недела, а сегашниот лидер во генералниот поредок Нико Розберг да не финишира во топ три.

– Доколку ниту еден од нас не се удри во него, Розберг ќе ја освои титулата. Луис има многу пари, лета низ светот со приватни авиони, сигурен сум дека може да си дозволи да ме поткупи. Единствената опција да се удрам во Нико би била доколку тој има еден круг повеќе од мене бидејќи едноставно немаме подеднакво брзи мотори. Отворен сум на понуди, знаете, се пензионирам. Извинете, земам одмор – се пошегува Батон притоа дополнувајќи дека викендот во Абу Даби ќе биде посебно поглавје во неговиот живот.

Светскиот шампион од 2009 година се повлекува од активното возење, но ќе продолжи да биде дел од тимот на Мекларен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top