| четврток, 6 декември 2018 |

Клоп: Џерард почнува од почеток, оставете го на мир да напредува

klop-i-dzerard

Легендарниот англиски фудбалер Стивен Џерард вчера објави крај на својата професионална кариера и веднаш почнаа шпекулациите за неговата иднина. Една опција е враќање во Ливерпул и работење во младинската академија на клубот, а и менаџерот Јирген Клоп не ја отфрла таа можност.

– Вратата за Џерард во Ливерпул секогаш ќе биде отворена. Ако тој сака да се развива како тренер, ние сме сигурни дека ќе му бидеме од голема помош. Сакам да соработувам со него и ќе му помогнам ако се врати на „Енфилд“. Тој е одличен фудбалер и многу го почитувам како личност – истакна Клоп.

Сепак, Германецот им порача на новинарите дека е неопходно на големите фудбалски асови да им се остави да работат во мир ако се сака да созреат како тренери.

– Сега сите го следат Џерард во чекор и ќе го анализираат секој негов потег. Вистината е дека тој се наоѓа на прагот на нов почеток, во ситуација кога ќе учи многу работи, а за такво нешто неопходно е мир, каков што јас го имав кога почнував во Мајнц. Тоа е единствениот начин на кој се станува добар тренер, а во Англија постои преголем притисок врз овие играчки легенди, исто како што е случајот со Рајан Гигс, кого медиумите го следат во чекор. Тренерската работа не е иста со играњето, затоа и тој пат мора да се изоди од почеток, не од средина или од крај. Сметам дека и Џерард и Гигс го знаат тоа, но треба да се остават да работат и да напредуваат – порача стратегот на Ливерпул.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top