Васил Чичијашвили од Грузија, професионален балетан во Македонската опера и балет, за „Република“ открива како животот во Македонија го скротил неговиот темперамент и го научил да ужива во мирен и хармоничен живот. Имал многу професионални ангажмани низ земјите во светот, но поканата професионално, на подолг временски период да остане во Македонија, како што вели тој, на негово големо задоволство, го менува неговиот личен живот во целост. Во МОБ ја запознава својата љубов, балерината Наташа Јосифовска, решава да стапне на лудиот камен и заедно да создадат семејство.
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Првпат дојдов во 2001 година, ме поканија за претставата „Порги и Бес“, тоа беше моето прво запознавање со Македонија. Потоа, на мое големо задоволство добив втора покана да дојдам во Македонија и тогаш добив и понуда да останам и потпишав договор. Инаку претходно, по моето прво гостување во Македонија, се вратив во Грузија, од таму бев повикан да работам во Турција, отидов таму, па се случи да ја добијам поканата од Македонската опера и балет и на 12 јануари 2002 година решив да се вратам.
Имавте ли тешкотии за да се адаптирате на начинот на живот овде?
Не, воопшто не ми беше тешко. Прво бидејќи јас од десет години живеам сам по интернати поради мојата балетска школа. Поради мојата кариера цел живот патувам и сум живеел и во други земји. Прилично бев навикнат на самостоен живот. Од 27 години живеам во Македонија. Кога решив на подолго да останам овде, навистина, луѓето со кои го потпишав договорот се потрудија да се почувствувам колку што е можно покомотно. Ме примија топло, со услови доволно добри за пристоен живот.
Вие, навистина, зборувате солидно македонски јазик, беше ли тешко да се научи?
Да го научам јазикот на Македонија не ми беше тешко бидејќи јас зборувам руски, па јазиците се многу слични, што за мене беше олеснителна околност за побрзо да го научам. Ми беа потребни помалку од две години за целосно да го совладам, а во тоа многу ми помогнаа и луѓето од моето опкружување, комуникацијата со ансамблот.
Рековте дека професионалниот пат ве водел низ многу земји, но што е со матичната, како се живее во Грузија, а како овде? Има ли разлика?
Прво би ви кажал во што сме исти, и Грузијците и Македонците се мрзлив народ, сакаме повеќе да уживаме во животот, а помалку да работиме. Тоа ни е, навистина, идентично. Исто така, и желбата да се јаде многу месо ни е иста. И кај нас се преферира исхрана со месо. Инаку, Македонците, за разлика, од Грузијците, се многу мирен народ. Ние сме многу темпераментни, повеќе агресивни. Овде, навистина, живеам спокојно, за мене најважно е што има убава храна, убави луѓе, мирен народ, помирен за разлика од Грузија. Затоа сакам да сум овде, земјата е помала, но похармонична, исто така, и главниот град, Скопје на мене влијае многу смирувачки, овде ми е полесно да живеам, за разлика од големите метрополи.
Ја споменавте храната, кое е Вашето омилено македонско јадење?
Турлитава, многу ја сакам. Секако, и ајварот. Оваа година го правевме и дома. Ракијата, која ни е слична. Македонските вина се многу добри, за моја среќа македонската и грузиската кујна имаат многу сличности, па затоа и со задоволство ја прифатив.
Кога барате место за релаксација и малку одмор за себе, каде најчесто го поминувате времето?
Морам да признаам дека моја релаксација е времето поминато со мојата четиригодишна ќерка. Обожувам да бидам ангажиран со неа, откако се роди, таа е приоритет за мене и за мојата сопруга. Затоа кога размислуваме за одмор внимаваме тоа да биде местото каде што и неа ќе ѝ се допаѓа. Но Охрид е многу често прв на листата како место за одмор. Минатата година кога брат ми ни дојде во посета бевме токму во овој град бидејки имав голема желба да го види. Бевме и на Галичник. Но Охрид е како друга држава, архитектура, природа, духот на градот … Охрид е, навистина, бисер на Македонија.
Вие сте професионален балетан, кое е Вашето мислење, талентирани ли се Македонците за овој вид професија?
Секој народ има талентирани луѓе за музика, но има и такви што се подобри во други области. Во Грузија, на пример, повеќе е развиен фолклорот, но балетот, во зависност од тоа со која земја ќе се споредиме, на пример Русија, балетот не е развиен до тој степен, бидејќи ние оваа професија ја научивме од нив. Најдобрите балетани во Грузија прво учеа балет во Русија, па се вратија во матичната земја бидејќи во неа се преферира фолклорот. Истото се случува и овде, родителите повеќе ги запишуваат децата на фолклор, отколку на балет. Морам да истакнам дека фолклорот на Македонија и на Грузија е, навистина, различен. Имаме многу брзи танци, театрални, агресивни. Преку фолклорот секогаш се покажува темпераментот на Грузиецот, се користат и мечеви за на сцена. Во Македонија тоа не е така и фолклорот ви е поведар, со поинаква динамика и карактер.
Се подготвувате за премиера на балетската претстава „Клеопатра“, публиката ќе има можност да ве види во улога на Цезар, за оваа претстава е ангажиран целиот ансамбл на балетот, хорот и на операта. Колку време е потребно за да се подготви една таква претстава?
Секоја претстава бара свое време за подготовка. Зависи од тоа од колку чина е претставата, колку луѓе се ангажирани. За секоја претстава го даваме својот максимум. Сега со „Клеопатра“ подготвуваме јубилеј на Александра Мијалкова и сите сакаме сѐ да излезе како што треба.
Кои се Вашите планови за во иднина, останувате ли тука?
Балетот е моја професија, покрај него јас во Македонија ја пронајдов својата љубов, овде решив да создадам семејство. Јас и мојата сопруга Наташа се запознавме на сцената на МОБ, и професионално бевме партнери. Имам многу причини што емотивно и професионално ме влечат да останам во Македонија. Во април ќе навршам 42 години, моја желба е уште четири години активно да играм, па подоцна, доколку се создадат услови, би сакал моето знаење, тоа што го учев и играв со години, да го пренесам како педагог на новите генерации во Македонија.
Пишува: К.Н.К.
(текстот е објавен во 220 бр на Неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.