Претстојните предвремени парламентарни избори ќе останат да се паметат по тоа што имаат клучно референдумско значење за судбината на државата. Граѓаните ќе одлучат по кој пат ќе продолжи Македонија давајќи го гласот за една од двете големи коалиции. Сепак, мора да се има предвид дека на конечниот резултат сериозно ќе влијаат и гласовите на помалите политички партии кои одлучија да настапат самостојно без да се приклучуваат на било која поголема или помала коалиција. Една од партиите која во моментот неочекувано добро котира на рејтинг листите и се наметнува како сериозен играч на политичката сцена е Левица, партија која беше формирана пред нецела година од дел од членовите на движењата „Ленка“ и „Солидарност“, членови на Кoмунистичката партија на Македонија, но и синдикалци и други активисти. За потсетување, членовите и активистите на овие движења, а потоа и членови на партијата беа најжестоките и најагресивните демонстранти во текот на таканаречената шарена револуција. Но, интересно за оваа мала партија е тоа што нивната борба истовремено е насочена против сите големи партии, односно и против ВМРО-ДПМНЕ и против СДСМ.
Лани, во образложението за причините за формирањето на партијата, од Левица напишаа:
„Во ситуација на хронична сиромаштија и на огромни класни разлики, во ситуација на квазидемократија, кога народот е незадоволен од постојните партии и кога се појавуваат само нови партии од стари политичари, го објавуваме формирањето на Левица, нова партија, со нови лица и со нови идеи. Нема да дозволиме и на овие избори работниците, сиромашните и обесправените да немаат опција за која ќе гласаат. Богатите имаат десет и повеќе партии, сиромашните и обесправените немаат ниту една. Не мислиме да ги оставиме улиците, нема да престанеме да протестираме против неправдите, но не им го оставаме ни парламентот. Крајно време е во него да се слушне гласот на народот.“
За воља на вистината, многу „шарени“ во тоа време повеќе или помалку ги делеа нивните ставови, глумеа граѓански активисти, се оградуваа од било каква поврзаност со СДСМ и негираа дека се на платните списоци на Сорос. Една година подоцна најголемиот дел од „шарените“ си го наплатија трудот со места на пратенички листи или со работни места во СДСМ и во СЈО.
И покрај инсистирањето на Заев да влезат во нивната коалиција и покрај сериозните понуди за места кога ќе станат власт, президиумот на Левица, на чело со Здравко Савевски одлучи да не отстапи од своите принципи и ставови и да ја продолжи битката „сам против сите“. Колку и да изгледаше нерационална одлуката во тој момент, со оглед на фактот дека секоја партија се бори да дојде на власт, очигледно придонела граѓаните да препознаат нешто поинакво од досегашната политичка понуда. Од друга страна, за разлика од другите партии и здруженија кои беа дел од таканаречената „шарена револуција“ тие се единствените кои останаа целосно доследни на тоа што го бараа на улиците, без разлика дали и колку е тоа прифатливо од најголемиот дел од јавноста. Токму таквиот искрен однос веројатно е причината што најголемиот дел од непартиските учесници во протестите во последно време покажуваат се поголем интерес кон оваа партија, што пак се одразува и на растот на популарноста, односно на рејтингот на Левица. Дали Левица ќе успее да ја валоризира својата популарност со пратенички мандати и со колку, ќе видиме на 11 декември, но неминовен е впечатокот дека Левица веќе се наметнува како една од сериозните опозициски опции за кои граѓаните ќе гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Левица: Работниците од прилепски „Еурокомпозит“ повторно изиграни од Владата
-
Апасиев: Многу послушнички предавства подоцна се казнети
-
Левица: Македонија доби ултиматум в година да затропа на вратата на НАТО како северномакедонска диполоматија
-
Заев доби кривична пријава за загрозување на уставниот поредок