| четврток, 6 декември 2018 |

Интелекктуалката и феминистка Светлана Слапшак гостува на КРИК фестивалот

Целта на мултидисциплинарната меѓународна конференција е да го преиспита концептот на дијаспората, мобилноста, номадските искуства, честите патувања, уметничките и културните резиденции

Во рамки на КРИК – Фестивалот за критичка култура ќе гостува Светлана Слапшак, една од водечките интелектуалки, теоретичарки на културата, феминистки и антрополози во регионот и во Европа. Во Чифте амам вечер таа ќе одржи предавање насловено „Stratigos Тито – карате: поетика на пречекорувањето или мешање на меморијата и желбата“.

Предавањето го организира Контрапункт, а по него ќе следува дијалог помеѓу Слапшак и Ана Вујановиќ, независен културен работник во областа на современите перформативни уметности и културата.

– Во предавањето на Слапшак фокусот е ставен на општествено прифатливото насилство со гарантирано сеќавање по примерот на Атинската демократија. Како трите антички форми на сексуалност може да не поттикнат да ги преосмислиме и реформираме критиките/критицизмот на насилството? Како да се преодреди архивирањето со воведување сексуалност, еротика и љубов? Дали е ова начин на обременување на меморијата со наративот на sexerlove наместо наративот на насилството?, соопшти организаторот на настанот.

Меѓу централните настани на програмата на КРИК фестивалот е меѓународната конференција „Дијаспора / Мобилност / Номадизам / Различности“ која ќе се одржи во Чифте амам во организација на Есперанца – Светски културен центар.

Целта на мултидисциплинарната меѓународна конференција е да го преиспита концептот на дијаспората, мобилноста, номадските искуства, честите патувања, уметничките и културните резиденции.

Покрај овие настани, на КРИК фестивалот денеска ќе почнат и рабтилници со заедничка тема „Поетики на радикалното издаваштво“ во организација на Мултимедијални институт, куда.орг и на Контрапункт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top