Населените места како Вевчани ќе имаат голем бенефит за привлекување инвеститори преку проектот рурални развојни зони, оцени денеска министерот за финансии Кирил Миноски при посетата на општината.
Министерство за финансии и Владата, нагласи, имаат амбициозна агенда за наредниот период, а целта е поттикнување на локалниот економски развој и подобрување на условите за креирање бизнис во овој дел од државата.
– Преку проектот рурални развојни зони сметаме дека вакви населени места како општина Вевчани ќе имаат голем бенефит за привлекување инвеститори, бидејќи привлекувањето на инвестициите претставува основниот рецепт за креирање работни места и долгорочно подигање на животниот стандард на населението, што генерално претставува основна цел и на нас како Министерството за финансии и на Владата на Република Македонија – изјави Миноски.
Тој изрази задоволство што локланта власт во Вевчани има направено многу за подобрувањето на условите за живеење на граѓаните во овој дел на државата.
– Воодушевува кога со една симбиоза на централната и локалната власт може да се креираат вакви резултати иако станува збор за една општина која не е голема и се наоѓа во рурална област. Направен е значителен исчекор во делот на образованието, здравството, условите за спортување на локалното население – рече Миноски.
Вевчанскиот градоначалник Цветомир Угриноски информира дека го запознал минситерот за реализираните и тековните проекти во општината.
– Го информирав министерот што е изградено во изминатите три години и што се гради во моментов, како и што ќе градиме во наредните години. Министерот е презадоволен од она што го виде, можам да кажам дека и јас сум задоволен од соработката со Владата, но и со локалната самоуправа и жителите на Вевчани – истакна Угриноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.