| четврток, 6 декември 2018 |

Елена Ристеска ги посвети наградите од МАРС на својот татко

Елена Ристеска и „ДНК“ синоќа беа апсолутните победници на Македонскиот радиски фестивал МАРС, кој синоќа во МОБ се одржа по деветти пат. Во обраќањето кон публиката, Елена наградите и настапот ги посвети на татка си и на обожавателите, кои ја поддржуваат сиве овие години.

Во изборот на највртените радиохитови за изминатата година учествува повеќе од 40 домашни радиостаници, по чијшто избор беа доделени награди во неколку категории.

Ристеска за партнерскиот хит со Панчо од „ДНК“, „Како да се радувам“, освоија статуетки за партнерски хит, апсолутен хит, како и наградата за најдобар текст на песна, која им ја доделија новинарите од печатените медиуми и веб-порталите. „ДНК“ понесоа и награда за радиски Ар-Ен-Би хит за „Само таа знае како“.

Ѕвезда што се раѓа годинава е Елена Миленковска, додека Пепа Димитрова се закити со наградата „фестивалски асови“. Балада на годината според македонските радиостаници е „Плачат и најсилни“ на Магдалена Цветскоска, а радиски поп-хит со етномотиви е „Македонка“ на Влатко Илиевски.

Влатко Лозановски-Лозано, кој сите девет години заминува со минимум една статуетка, годинава го има радискиот поп-хит, песната „Бонбона“.

Радиски хит испеан од машки вокал е „Дал има“ на Александар Тарабунов, кој ја доби и наградата од публиката со најмногу гласови на официјалната страница на „Фејсбук“. Наташа Малинкова  за „Само мој“ ја зеде наградата за женски вокал.

Наградата за трајни вредности замина во рацете на Џина Папас Џокси.

Награди за регионални ѕвезди добија Гоца Тржан и Нараша Беквалац.

Покрај статуетките, добитниците добија награди од секој спознор, но и парични награди. Изведувачот на апсолутниот хит доби 72.000 денари, а хитот што го избра публиката – 36.000 денари. Авторот на најдобриот текст, кој го избраа новинарите од печатените и од електронските медиуми, доби 18.000 денари, а по 12.000 ќе добијат сите годинашни учесници

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top