Годинешната „Матурска парада“ во сите земји-учесницчки ќе се одржи утре напладне. Во Македонија ќе учествуваат матурантите од Скопје, Куманово, Струмица, Гевгелија, Охрид и од Струга.
На „Матурската парада“ во Скопје се очекува присуство и обраќање на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, и претставник од Агенцијата за млади и спорт.
Интересно за оваа манифестација, која датира од 2001 година, е тоа што секоја година се прави обид за поставување Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места, односно различни градови. Во изминатите години учесниците од стотина градови од Словенија, Италија, Хрватска, Босна и херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Македонија, Албанија и Украина седум пати поставуваа вакви рекорди. Вкупниот број учесници на „Матурската парада“ во изминатите 12 години во сите градови изнесува 242.280 матуранти.
Идејата за одбележувањето на матурирањето на сите матуранти во градот е заедничкото играње на танцот квадрил. Оваа игра потекнува од Франција и во него учествуваат две двојки, кои своите движења ги изведуваат на просторот во форма на квадрат. За „Матурската парада“ овој танц, кој се игра на музика од Штраусовата опера „Лилјакот“, е адаптиран да биде што поприфатлив за учениците и да можат да го совладаат лесно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.