| четврток, 6 декември 2018 |

Столтенберг: Да забрза процесот за прием на Црна Гора во НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги повика денеска членките на Алијансата чии парламенти не го ратификувале Протоколот за пристапување на Црна Гора во тој воен сојуз, да побрзаат и да го направат тоа што е можно побргу.

Столтенберг го упати директното барање од Турција каде се одржува есенското заседание на Парламентарното собрание на НАТО.

– Ги повикувам сите држави и нивните парламенти кои досега не го ратификувале Протоколот за пристапување на Црна Гора во НАТО, тоа да го сторат. Тоа е ваша одговорност и затоа директно ви се обраќам – вратете се во своите парламенти и обезбедите Протоколот да биде што побргу ратификуван, нагласи Столтенберг.

Тој потсети дека следната година се одржува самит на НАТО до кога треба да биде завршена ратификација за да може Црна Гора да биде примена на тој самит за членка. Протоколот досега е ратификуван во 13 држави.

Парламентарното собрание на НАТО денеска во Истанбул ја почна својата 62-ра сесија на која ќе ја разгледува состојбата на Блискиот Исток и учеството на Алијансата во борбата против тероризмот.

Според најавите акцентот во дискусиите ќе биде ставен на тоа каков ќе биде одговорот на заканите од страна на Русија во однос на балтичките држави и Полска.

На заседанието се предвидува да биде избран и нов претседател на Парламентарното собрание на НАТО, на местото на досегашниот, Мајк Тарнер, чијшто двогодишен мандат истекува.

На заседанието покрај Столтенберг, присуствуваат и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, вицепремиерот Мехмет Шимшек, министерот за правда Бекир Боздаг, како и началникот на турскиот Генералштаб, Хулуси Акар.

Во своето обраќање на собирот Ердоган ја критикуваше Алијансата и САД по прашањето на Сирија и Курдите и побара јасна поддршка од западните сојузници за Анкара во „борбата против тероризмот“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top