Дарувал крв, но не знаел дека има ХИВ. Позитивниот статус му бил откриен на овој апарат на Институтот за трансфузиона медицина. Тој е еден од четирите случаи со ХИВ инфекција во последните три години кои случајно дознале дека се заразени. Истиот период биле регистрирани и 70 граѓани со Хепатит Б и Ц од вкупно 100.000 дарувања.
Од Трансфузија тврдат дека секоја единица крв која влегува во установата задолжително се испитува. Доколку некој резултат излезе позитивен дарителот се повикува во Институтот каде во советувалиштето разговара со психолог и му се објаснува за неговиот статус.
-По разговорот со дарителот, му се зема уште еднаш крв за испитување и таа крв се става во две различни апаратури. Доколку излезе пак позитивно, ние имаме сигурна метода за потврдни тестови и пак го повикуваме дарителот во советувалиштето и му го соопштуваме дефинитивниот резултат и потоа го упатуваме на Инфективната Клиника, вели д-р Емилија Велкова, диртектор на Институтот за трансфузиона медицина.
Заразената крв уште по првитепозитивни резултати се уништува на безбеден начин.
-Имаме договор со Дрисла и тие доаѓаат и ја земаат таа крв и потоа ја уништуваат, додава д-р Велкова.
Од Институтот за трансфузиона медицина уверуваат дека секоја крв која им се дава на пациентите е безбедна, а дарителите не треба да се обесхрабруваат зошто ваква контрола се прави секаде во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.