Српскиот актер со македонско потекло Лазар Ристовски (63) во измината недела беше во Скопје, каде што го промовираше филмот „Дневникот на машиновозачот“ во кој ја толкува главната улога и се јавува во улога на продуцент. Со филмот, кој е српски кандидат за „Оскар“, се отвори 15. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс 2016“. Ристовски, освен со „Дневникот на машиновозачот“, оваа година е актуелен и со хрватскиот филм „Од другата страна“ на Зринко Огреста каде што ја толкува главната улога и е копродуцент. Ова е хрватскиот кандидат за „Оскар“. Ристовски ќе ја глуми и главната улога во историскиот филм на Антонио Митриќески за Цар Самуил, кој треба наскоро да почне да се снима.
Во интервју за „Република“ Ристовски вели дека улогата во филмот „Дневникот на машиновозачот“ е, навистина, пишувана специјално за него.
– И тоа беше посебен актерски предизвик. Тоа, на прв поглед, личи лесно, но, всушност, е опасна стапица – вели Ристовски.
Секогаш е убаво кога во посета на Скопје доаѓа драг гостин, посебно кога го промовира својот најнов филм. Улогата во филмот на Милош Радовиќ „Дневникот на машиновозачот“ е пишувана специјално за Вас. Дали тоа беше товар за Вас или, пак, беше лесно да се глуми машиновозач?
РИСТОВСКИ: Ви благодарам на убавите зборови за добредојде. Мене секогаш ми причинува посебно задоволство и возбуда кога доаѓам во Македонија. Моите корени се од овде. Нашиот филм го обиколи половина свет, па Скопје ми доаѓа како да се враќам дома. Улогата во филмот „Дневникот на машиновозачот“, навистина, е пишувана специјално за мене и тоа беше посебен актерски предизвик. Тоа, на прв поглед личи лесно, но, всушност, тоа е опасна стапица. Бидејќи, да се глумиш себе е невозможно, колку и да изгледа тоа лесно и едноставно. Има тука еден феномен, а тоа е кога ќе се вклучат камерите ништо веќе не е природно, иако сите токму тогаш сакаат да изгледаат природно. Така што, да се најде тој компромис е преголема задача и за режисерот и за актерот, посебно ако улогата е пишувана за него.
Дедото на Милош бил машиновозач, а татко ми, кој по потекло е од Мариово, беше железничар. Така што, и нему и мене тоа опкружување ни е многу познато. Сепак, во истражувањето откривме многу тајни на занаетот, кои само машиновозачите ги знаат.
Изјавивте дека е тешко да се газат луѓе, макар тоа било и на филм. Колку луѓе гази Илија во филмот? И како живее со тоа?
РИСТОВСКИ: Да. Тешко е на други да им нанесуваш болка, па било тоа и на филм. Илија е шампион во прегазување луѓе. Тој е невин убиец, кој зад себе има повеќе од дваесет прегазувања. Сепак, тој не е виновен, и затоа може да живее со тоа. Тоа е негова професија.
Филмот „Дневникот на машиновозачот“ е српски кандидат за „Оскар“. Што очекувате?
РИСТОВСКИ: „Оскар“ не очекувам, но очекувам да се искористи шансата за промоција на нашиот филм во светот. Со тоа што е српски кандидат се чувствуваат последиците. Нашиот филм го бараат на многу фестивали, заинтересирани се телевизиски канали да го купат и тоа е веќе доволно. Тоа што е интересно е тоа што јас и во хрватскиот филм „Од другата страна“ на Зринко Огреста ја толкувам главната улога и сум копродуцент на тој филм, кој е, пак, хрватски кандидат за „Оскар“. Во таа насока мојот труд и мојата работа се исплатеа.
Тешко ли е денес да се сними филм во Србија? Дали е уште потешко да се сними добар филм?
РИСТОВСКИ: Тешко е да се сними филм не само во Србија, туку и секаде во светот. Да се сними добар филм е уште потешко. Но, тука е предизвикот во уметноста. Тука лежи таа магија на создавањето. Бидејќи, ако е лесно, сите би можеле да се занимаваат со уметност и тогаш уметноста не би била тоа што е. Авантура, предизвик за храбрите. Колку што е уметникот похрабар, толку резултатот е подобар. Уметниците се разликуваат по својата подготвеност да копаат колку што е можно подлабоко во себе.
Вам Ви е доделена главната улога во историскиот филм за македонскиот Цар Самуил. Кога почнува снимањето? Дали се радувате?
РИСТОВСКИ: Многу сум среќен што режисерот Антонио Митриќески ми ја понуди таа улога. Ми лежат историските улоги, а одговорноста на актерот да игра историски лик е многу голема. Но, јас сум навикнат на големи предизвици.
Може ли уметноста да го промени светот во кој живееме?
РИСТОВСКИ: Не може, сигурно, но може да го смени поединецот. Гледачот во мрачната сала. Може кај него да предизвика емоција. Ако тој гледач излезе од киносалата макар и малку поинаков, тогаш мисијата на уметноста успеала. Уметноста мора да предизвика емоции. Без емоции и страст нема уметност.
Во младоста се истакнувавте со бунтовништво, а сега му се посветивте на пишувањето книги. Се плашите ли од староста и сакате да оставите нешто трајно зад себе?
РИСТОВСКИ: Јас се надевам дека некои од моите филмови и театарски улоги ќе останат запаметени. Не многу. Две-три. Во нашата работа, без разлика колку улоги имаме, на крајот сите ве паметат по две-три улоги. Така е и со најголемите сликари. Никој не се сеќава на целиот нивни опус кога ќе се спомене нивното име, туку само на неколку карактеристични дела. Не пишувам за да се докажувам. Напротив. Пишувањето е моја вистинска потреба да го забележам начинот на кој го набљудувам светот и појавите во него. Мислам дека понекогаш имам впечаток дека може да одберам посебна улога за набљудување на тој свет и оттаму потребата да го забележам тоа.
Во Вашата богата биографија пишува дека сте одиграле повеќе од четири илјади претстави и дека сте глумеле во 70 филма. Двапати го толкувавте ликот на Тито, но често глумевте и луѓе од работничката класа. Што е потешко?
РИСТОВСКИ: Не можам да одговорам што е потешко да се глуми бидејќи не постои еден одговор на ова прашање. Многу фактори влијаат на тоа. Некогаш улогата сама се „отвора“, а некогаш не помага ни златен клуч.
Имате двајца синови, Петар и Јован. Што ги научивте?
РИСТОВСКИ: Да бидат чесни, благородни, работливи и добри луѓе. Сето тоа што во ова време не ги учат младите.
Дали од ложата на осаменост светот се гледа подобро?
РИСТОВСКИ:Јас во својата книга „Едноставни приказни“, која е преведена на македонски јазик во издание на „Табернакул“, реков дека осаменоста е ложа од која светот се гледа подобро. Во мојата нова книга, која излегува во крајот на годината, читателите ќе видат дека од таа ложа саркастично му се насмевнувам на тој свет.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 220. број на неделникот „Република“ кој излезе во печат на 18.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.