Ако се следат предизборните ветувања на новиот американски претседател, Доналд Трамп, Балканот го очекува период на смирување на тензиите откако пред две години државниот секретар Џон Кери најави дека низ регионот минува линија на огнот, односно линија на која се разграничуваат интересите на САД и на Русија.
Неколку месеци подоцна почнаа проблемите што директно ги најави Вашингтон. Оттогаш досега се случија кумановските настани во Македонија, српската влада објави дека се спречени неколку обиди за атентат на премиерот, се интензивираа немирите во Косово, радикалите во Приштина почнаа со територијални барања од Подгорица, Република Српска почна со засилена националистичка реторика во однос на Сараево, а кризата во Молдавија заврши со избор на проруски претседател. Заминувањето на прозападниот Мило Ѓукановиќ по кризата во Црна Гора и изборот на промосковски претседател во Бугарија само ги потврдија американските анализи според кои регионот го очекуваат нови премрежиња. Или, пак, ги потврдија тезите дека Вашингтон самиот бил директно инволвиран во настаните што се случуваат.
Ако Трамп истрае во своите предизборни намери, најголем дел од неформалните и формалните експоненти на различни американски политички и бизнис интереси би можеле да се повлечат или привремено да ги запрат своите црни и полулегални операции на Балканот. Причини за тоа има повеќе. Трамп смета дека Америка треба да се сврти кон себе, кон своите проблеми, особено сега кога е длабоко поделена и ранлива. Доколку навистина го воведе изолационизмот како главен принцип во американската политика, колку и да е тој невозможен во ситуација кога САД имаат директно влијание врз најголем дел од глобалните процеси и практично е „гостин-уредник“ во огромен број држави, на Балканот може да почне нова ера.
Сепак, за да се случи тоа, потребно е да се исполнат низа други предуслови. Прво, Русија ќе мора да се повлече од своите планови за поголемо присуство во регионот и со тоа да го олабави притисокот врз Трамп, кој од јастребите во Вашингтон ќе биде обвинет дека се откажува од стратегиските позиции во Европа. Другата важна претпоставка за релаксирање на односите во регионот е да дојде до договор меѓу најмоќните европски држави за нивната улога откако САД би ги намалиле своите активности. Се разбира дека кога се зборува за намалување на присуството на САД на Балканот, тоа не значи некакво повлекување, туку само намалување на притисокот при спроведување на своите интереси во регионот особено на оние што не се директно поврзани со пари или со енергетски извори.
Сѐ уште е нејасно дали Трамп ќе се откаже и од стратегијата според која внатрешната стабилност на најмоќната земја на светот се брани во Ирак, Иран, Саудиска Арабија, Катар, Азербејџан и секаде каде што постојат сериозни енергетски извори. Логично е да се очекува дека луѓето зад оваа енергетска стратегија нема да му дозволат на Трамп да се откаже од влијанието на САД на новите и на старите нафтоводи и гасоводи. Балканот како извор на енергенти не е атрактивен, но долгорочно или среднорочно би можел да стане важна алка во неколку енергетски проекти кои би носеле енергенти кон Европа и затоа реално не може да се очекува линијата на огнот да стане линија на стабилноста, освен ако Трамп и Путин директно не се договорат за соработка наместо нова поделба на интересни сфери.
Една од причините зошто дел од балканските аналитичари се оптимисти дека Трамп ќе го остави на мир регионот се шесте трилиони долари што САД ги користат за финансирање проекти низ светот, а кои, според новиот претседател, се трипати повеќе од доволни за Америка повторно да стане голема.
Она што по изборот на Доналд Трамп е извесно тоа е стравот кај дел од балканските земји. За разлика од претежно муслиманските Косово и Албанија и делумно Црна Гора, каде што неговата победа беше доживеана како катастрофа, останатите се израдуваа на можноста од редефинирање на американската политика на Балканот. Србија се надева дека со Трамп ќе може да продолжи да кокетира и со Брисел и со Москва, Македонија се надева дека ќе може да преговара за „Јужен тек“ и за изградба на руски енергетски проекти без страв дека „криминални банди од Косово“ можат да влезат во земјата во обид да прават нов Охридски договор, Црна Гора се надева дека нема да биде ставена во ситуација да избира меѓу руските пари и бродовите на НАТО во Которскиот Залив.
Најголема надеж за смирување на тензиите има кај Бугарија, која со години е во криза, пред сѐ, поради судирот меѓу проруските и проамериканските сили, што беше причина за откажување на неколку големи енергетски проекти, како нуклеарната централа „Белене“ и нафтоводот „Бургас – Александруполис“.
Македонија меѓу надеж и страв
По изборот на Американецот со грчко потекло Рајнс Прибус за шеф на кабинетот на претседателот, Грција е уверена дека ќе продолжи поддршката од Белата куќа, која во последните осум години беше обезбедена преку еден од најблиските луѓе на Барак Обама, Алекс Јанопулис.
Објективно, Македонија ќе има тешка задача како индивидуален пример да очекува некакви драматични позитивни промени во односот со САД. Поддршката на македонската заедница за време на изборната кампања и велешките компјутерџии што ја поддржаа кампањата на Трамп не може да биде доволно доколку Прибус, под притисок на грчката дијаспора со која е во постојан контакт, добие дозвола да ги уредува односите меѓу Грција и Македонија.
Се разбира за ова прашање е важно и кој ќе биде државен секретар иако имињата што сега се во оптек не даваат надеж дека Македонија може да добие значителна помош во надминување на проблемот со јужниот сосед. Неколкуте имиња што беа активни во времето на Буш Помладиот и кои имаат пријателски односи со Македонија засега не се меѓу кандидатите за високи позиции во институциите.
Едно од сценаријата кое може да биде во исто време и добро и лошо е ако Трамп реши да ги затвори сите отворени проблеми кај земјите што се сметаат за пријателски на САД. Во таков случај доколку по секоја цена мораме да го надминеме проблемот со Грција, не е исклучено да добиеме решение кое нема да биде поддржано од македонските граѓани.
(Текст објавен во 220. број на неделникот Република, 18.11.2016)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.