| четврток, 6 декември 2018 |

Шарените се муви кои мислат дека се орли: Ферид Мухиќ со ниско мислење за протестирачите на Сорос и СДСМ

Кандидатот за пратеник на СДСМ Ферид Мухиќ, кого изненадувачки лидерот на СДСМ Зоран Заев го кандидираше на 5-тата позиција во втората изборна единица, повторно е во центарот на вниманието на разочараните членови и активисти на СДСМ. Овој пат поради неговата контроверзна изјава за членовите на шарената револуција, платеничките вандали на СДСМ и Сорос кои два месеци дивееја по улиците на Скопје како параван на СДСМ и на крај завршија на пратеничките листи на Заев.

Мухиќ се наоѓа на листа токму како дел од т.н. коалиција со граѓаните на СДСМ, на која проформа фигурираат и шарените активисти на СДСМ кои треба да глумат граѓанство. Тој за „шарените платеници“ изјави дека не се никакви револуционери, туку – обични протестирачи. Разликата меѓу тоа што се и тоа што сакаат да бидат ја спореди на следниот начин: шарените платеници се муви кои мислат дека се орли.

„Забележавте дека зборувам за Шарените протести, тоа е затоа што го користам коректниот поим, наместо Шарената револуција, којшто е во оптек. Имено, во конкретниот случај, ниту по својата инспирација, ниту по начинот на дејствување, ниту по крајните цели, не може да се зборува за револуција. Разликите што постојат меѓу поимите „протести“ и „револуција“ се огромни, поголеми дури и кога мувите би ги споредувале со орлите, пишува Мухиќ во текст објавен на порталот офф.нет.мк.

Мухиќ прво ги вознемири своите нови соборци и колеги со самото појавување на листата, бидејќи членовите и активистите на СДСМ сметаа дека е неправедно токму Мухиќ, кој според нив недоволно или воопшто не артикулирал критика кон власта да го зазеде местото на уличните и собраниски борци на СДСМ.

Потоа реагираа и сите кои не се согласуваат со неговите ставови за абортусот (смета дека е убиство) и борбите со кучиња (наводно учествувал во организирање на такви). На фановите на СДСМ им пречеше и тоа што изјави дека прифатил да е пратеник само под услов да биде независен во ставовите, на што Заев наводно се согласил.

Сега, се чини дека со споредбата на шарените платеници со муви, Мухиќ е на добар пат да го преземе пиедесталот од Лилјана Поповска од ДОМ како најомразен пратеник од листите на СДСМ меѓу членството на оваа партија. Иако конкуренцијата не е воопшто мала.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top