Изборот на Доналд Трамп на чело на САД и натаму е тема која ги дели луѓето на поддржувачи и лути противници на новоизбраниот американски претседател, што на своја кожа го почувстува и познатата водителка Опра Винфри.
Иако во текот на кампањата таа ја поддржуваше Хилари Клинтон, по победата на Трамп, Опра објави помирувачки твит, кој го налути „половина свет“ и многу нејзини колеги од шоу-бизнисот.
– Сите вие, длабоко вдишите. Има надеж – напиша познатата телевизиска водителка под објавената фотографија од средбата на Трамп со актуелниот претседател Барак Обама во Белата куќа, по што почнаа критиките.
– Опра, што ти е? Не ми се допаѓа ова – напиша актерот Патон Освалд, а Хедер Матарацо беше и поконкретен: „Опра, ти слободно вдиши и задржи го воздухот, додека ние другите доследно се бориме за живот“.
Други беа „понежни“ и ја замолија водителката да „не се обидува да го прикаже Трамп како нормален“, кога децата од малцинските заедници веќе сега во американските училишта трпат дискриминација и насилство.
Опра на „Твитер“ инаку ја следат речиси 35 милиони луѓе, а заедно со големиот број критики, за твитот за Трамп доби и десетици илјади лајкови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.