За Нико Розберг „математиката“ е јасна – и со две втори места на последните две трки од сезона Германецот ќе стигне до својата прва титула во кариерата. Сепак, возачот на Мерцедес не би сакал да остави ништо на случајноста во последната трка, па ќе настојува веќе денеска, на натпреварувањето на патеката „„Интерлагос“ во Бразил да стигне до титулата. Победа на бразилското гран-при на Розберг ќе значи и сигурно освојување на титулата, но задачата нема да биде нималку лесна со оглед на фактот дека Луис Хамилтон (кој заостанува 19 бода зад Германецот во генералниот пласман) ќе ја има пол позицијата на оваа трка.
– Квалификациите беа многу интересни, имав одличен круг, но за жал за малку не стигнав до пол-позицијата. Не сум премногу загрижен бидејќи сезонава видовме бројни трки во кои возачот што ја имаше пол-позицијата на крајот не триумфираше. Планот ми е да го нападнам Луис уште на првиот свиок бидејќи целта ми е јасна – да победам во Бразил за овде да ја прославам титулата. Имам одличен болид и без разлика дали ќе има дожд или ќе биде сува трка, подготвен сум за битка за победа – изјави Розберг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.