Македонката Ирена Петковиќ која судот во Брисел ја осуди на четиригодишна затворска казна поради наводно киднапирање на нејзиното сопствено дете, синоќа пристигна во Брисел за да побара да ѝ биде врачена ваквата пресуда.Наместо да ѝ се врачи пресудата, Петковиќ веднаш е уапсена во Брисел и затворена во белгискиот женски затвор Укле. Детето е во Македонија а таткото не може да се контактира.
-Во затвор сум, во женскиот затвор во Брисел. Го очекувам адвокатот, изминатата ноќ ја поминав во притвор, денеска сум во друг затвор – напиша мајката на својот Фејсбук профил. Судот во Брисел ѝ пресуди казна од четири години затвор на Ирена Петковиќ, поради наводно киднапирање на сопствената малолетна ќерка. Мајката била во врска со поранешен висок функционер на ЕУ, кој е татко на девојчето и со кого живееле во Белгија. Старателството врз малечката било поделено меѓу двата родители.
Меѓутоа, дозволата за престој во Белгија на Ирена Петковиќ ѝ била пред истекување, па таа се нашла во ситуација од двете зла да го избира помалото.
Опциите биле или да се врати во Македонија со малата ќерка, или да си замине од Белгија самата, без да знае кога повторно ќе го види сопственото дете. Дури и полицијата и социјалните служби ја советувале да си замине во Македонија.
– Постои нешто што се вика мајчински инстинкт. Имав опција или да ја напуштам мојата ќерка и да не се грижам за неа, што исто така е кривично дело, или да ја земам со мене. Јас си заминав, но следниот ден пријавив во белгиската полиција и на таткото дека сме во Скопје, им дадов контакт. Веднаш му понудив на таткото да комуницира со детето и со мене. Фрапирачки е што судењето за наводното киднапирање се одвивало во континуитет, а јас не бев информирана. Директно го прашувам јавно судот во Белгија кој е ефектот за изрекување затворска казна и фрлање на црна дамка во животот на мојата малолетна ќерка – рече пред два дена Петковиќ.
Таа вчера замина во Белгија за да го реши статусот на своето дете, со што двете би имале и мир и слобода. Таткото одбил да даде согласност малечката да извади пасош, со што таа не може да излезе од границите на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



