| четврток, 6 декември 2018 |

Жељко Јоксимовиќ: Мојата песна никогаш не смеете да ја забраните

Тажно е што музиката страда. Бидејќи сите ние сме ја направиле музиката за народот да ја слуша. Мислам дека тие закони треба да се решаваат преку институциите, но никако преку ваков радикален начин, вели Жељко Јоксимовиќ за забраната на ЗАМП

Со три предновогодишни концерти на 1, 2 и на 3 декември во Македонскиот народен театар почнува големиот ревијален проект на Жељко Јоксимовиќ. Старите песни и рефрени, омилени на поголемиот дел од балканската публика, во „Два света“ добиваат нов звук, нов аранжман, „преоблечени“ во свинг, џез, латино и во ревијален карактер.

Поддржан од околу 40 професионални музичари на сцената и во соработка со три диригенти, српскиот кантавтор и композитор ветува интимна атмосфера, пријатни звуци и новогодишно чувство кое ќе ве држи долго време откако ќе си заминете од концертот.

zeljko-5-custom

Toa ќе биде вечер каква досега не сме имале на Балканот, нешто како концертите на Мајкл Бубле, да речеме. Сосема различно од концертот на арената „Филип Втори“. Ова ќе биде нешто со што ќе се поврземе со публиката, ќе си направиме муабет. Ваков проект заслужува и вакво место, театарот е совршен за да се чуе секој музичар, секоја нота. Групата едноставно ќе дише – вели Јоксимовиќ.

На прашањето зошто токму оттука тргнува со турнејата, Јоксимовиќ одговара затоа што го чувствува Скопје како своја сигурна зона.

Скопје ми нуди чувство дека, едноставно, оваа публика сака да ме чуе и мене и моите песни. Едноставно, така чувствував – вели Јоксимовиќ.

Покрај преработката на неговите песни, кои ќе зафатат 40 проценти од репертоарот, Јоксимовиќ преработи и песни од негови колеги.

zeljko-custom

Сакав да се песни кои ни на крај памет не би ви паднало дека може да бидат изведени во тој стил. На пример, „Електрични оргазам“, Тозовац, „Плави оркестар“, а има и две македонски песни кои едвај чекам да ги чуете – вели пејачот.

Јоксимовиќ вели дека очекува од публиката да дојде дотерана, не само од надвор, туку и однатре, подготвени за еден ваков вид ревијална вечер, полна со евергрин.

Ќе имаме и мала пауза за да може публиката, а и бендот, да здивне, да наздрави, да го впие она што досега го слушнала. Ова е вистинското време за ваков звук – вели Јоксимовиќ.

zeljko-2-custom

За Јоксимовиќ оваа вечер е потврда за тоа дека балканската музика е квалитетна и може да се носи со светската.

И другите народи ќе чујат дека и ние имаме музика новогодишни евергрини, за свинг вечер… Мислам дека сме многу побогати културно и музички, нашето наследство е непресушно. Само прашање е како и дали некој ќе влезе во таа приказна, дали ќе има смелост и храброст, нерви и време да го подготви и заврши тоа, дали воопшто ќе се осуди. Јас ја имав таа сила, својата долгогодишна желба и идеја да ја реализирам и да ја спроведам на дело – вели Јоксимовиќ.

Јоксимовиќ е категоричен во својот став за забраната на балканската музика во македонскиот етер. Според него, песната е сопственост на народот, и ни таа ни народот не смеат да трпат, а ваквите проблеми се решаваат на друго ниво.

zeljko-4-custom

Тажно е што музиката страда. Бидејќи сите ние сме ја направиле музиката за народот да ја слуша. Мислам дека тие закони треба да се решаваат преку институциите, но никако преку ваков радикален начин. Јас реков дека немам проблем мојата музика да се слуша, јас ја направив за народот да ја консумира. Е сега, да му забраниш на некој нешто, некоја песна на која тој ја запознал својата најголема љубов… Тој вид емоција и сеќавање на луѓето не смее да им се брани. Знам дека сите можеме да си ги пуштиме тие песни дома, но зошто да не ја слушне таа песна однекаде и да се потсети… Значи, вие им ја укинувате емоцијата на луѓето. Тие агенции се занимаваат со заштита за нас, авторите, но ако избирам дали некој ќе ме брани и ќе ја забрани мојата песна, тогаш велам дека мојата песна никогаш не смеете да ја забраните – смета Јоксимовиќ.

Пишува: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 219. број на неделникот „Република“, 11.11.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top