Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска се обрати на свеченото отворање на изложбата „Во заштита на културното наследство“ на Историскиот музеј на Царината на Азербејџан, која ќе ни ја доближи земјата што ја живее својата цивилизациска сегашност врз темелите на сопственото богато минато.
-Денеска пред нас се артефактите кои ни ги илустрираат историските секвенци од богатото минато на Азербејџан, а истовремено се потврда за негувањето на мултикултурниот и мултирелигискиот аспект, за почитувањето на знаменитостите и реликвиите на верските заедници кои живеат на тлото на оваа држава, истакна Милевска.
Претставените 113 уметнички примероци потекнуваат од првиот век пред нашата ера па сѐ до 20-от век. Меѓу нив може да се видат извонредни примероци на оружје произведено на територијата на Азербејџан, Индија и Авганистан украсено со декорации во самиот метал. Вниманието ќе ни го освојат и ткаените килими со традиционална геометриска орнаментика, традиционална облека, ракописи на Куранот од 19-от век, икони од 19-от и 20-от век, како и ракописи на библии. Особено вредна е и збирката на музички инструменти, меѓу кои и виолината на Страдивариус, декоративните бронзени фигури од пред наша ера па сѐ до 19-от век, митолошките статуи, слики и разни други предмети, богато културно наследство кое говори за историското траење на оваа земја и културниот идентитет на оваа нација.
-„Капијата на ориентот” денеска широко се отвора пред македонската јавност за да ни ја долови вечноста, но и современите културни и архитектонски достигнувања на оваа, за нас, пријателска земја. Овој културен настан кој произлезе од веќе воспоставената и плодна соработка меѓу царинските управи на нашите две земји, е израз на меѓусебна доверба и почит меѓу нашите држави. Сакам да истакнам дека при претходната посета на директорот на Царинската управа, г. Алиев, со задоволство ја прифативме иницијативата за реализација на оваа изложба имајќи предвид дека богатото културно наследство на Азербејџан ќе биде убава можност, македонските граѓани да се запознаат со културните традиции на оваа древна земја, подвлече Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.