Родена на: 24 мај 1956 во Прилеп
Образование: Технолошко-металуршки факултет во Скопје
Во политиката: органски непожелна
Прво Ферид Мухиќ, па Лиле Поповска – главно тука запнаа листите на Заев. Ниту најголемите поддржувачи на политиката на СДСМ не можат слепо да се прегазат себе си и да ги заборават километрите кои ги изодеа по улиците во Скопје и во Македонија од април годинава кога ѝ даваа значење и масовност на платеничката револуција и да му кажат браво (освен Геро) на Заев за составот на, како што рече самиот „победничките листи“.
Откако во јавноста се појавија имињата на лицата кои ќе се најдат на изборните листи на СДСМ во шесте изборни единици, светот веќе не е ист. Барем нашиов.
Ден недела, 21 Конгрес на СДСМ Шарена, мавта Заев со листите, „победнички листи“, „авангардни“, а на нив едно добитно место резервирано за зелената Лиле. Онаа која навидум ненаметливо, сосема зелено и невино се вплетка во политиката, секако, од страната на власта. Потоа, исто така ненаметливо вирееше од црвената страна, па премина на сината. Ниту власт виде корист од неа, ниту забележа дека ја нема. Но, опозицијата силно забележа дека ја има.
Лиле Поповска не наиде на топло добредојде и тоа воопшто не ѝ се допадна.
„Сега, непосредно пред парламентарните избори, е време за единство и за искрена посветеност на борбата за демократизација на земјата. Во тоа име, ДОМ се откажа од намерата за самостоен настап и прифати да биде дел од опозиционата коалиција што ја предводи СДСМ. Нашето излегување од Владата пред речиси две години беше поздравено од јавноста и нотирано во Извештајот на Европската комисија како важен пресвртен момент во политичката криза. Затоа изненадуваат сега поединечни реакции, во кои се проблематизира мојата добитна позиција на коалиционите листи“, пишува во соопштението до медиумите ќерката на академик сомнителен Блаже Ристовски, силниот политички фактор во Македонија.
Сестратата на Борјан Јовановски, новинарката Светлана Јованквска, и Јорданка Ивановска Јоци не преминаа преку нејзиното име.
Забележаа сите извисени, прелажани, избркани, сите кои го градеа СДСМ, а звршија како градежен смет. Забележаа и оние кои се мрзнеа, се печеа, свиркаа, викаа, фрлаа, фарбаа, а Лиле зелена само ја смени нијансата.
–Јас не сакам функција по секоја цена, ниту да послужам за сеење семе на раздор во демократската опозиција. На Македонија ѝ претстои голема битка и потребни сме си сите, независно од етничкото, верското и политичкото потекло. Затоа одлучив да се откажам од добитната позиција на пратеничките листи, за да покажам што ми е приоритет. Уште денес ќе му предложам на Извршниот одбор, а потоа и на Централниот одбор на ДОМ да ја прифати мојата одлука и моето образложение. За ова ќе го известиме секако СДСМ како коалиционен партнер.
Јас секако ќе се борам со подеднаква страст од друга позиција, која сега се смета за недобитна, но од сите нас зависи крајниот исход. Ќе ги повикам членовите и симпатизерите на ДОМ да го сторат истото, зашто сите ние споделуваме желба за позитивни промени во Македонија, рече Поповска на прес-конференцијата што ја организира во своја чест.
И навистина, цела ноќ се плукаше, се викаше, шок и неверување, и на првиот ден од новата недела Лиле храбро излезе покажа величина, и човечка и политичка, како голем политички фактор, и даде оставка. Ситуација совршена за коментарот на Кили. Оној легендарниот, малку вулгарен, многу прецизен.
А потврда дека коментарот на Кили не е излишен, и не само тоа, туку е пожелен, се наоѓа во реченицата која не ја пренесоа медиумите кои го поддржаа изборот на Заев, опозициските. Зашто сепак, освен Заев, рака на Лиле ѝ подаде и Павле. Шарениот:
„Нема да навлегувам во заснованоста на критите за Лилјана Поповска. Факт е дека има направено кардинални грешки во своето работење, но истовремено беше незаменлив пријател и поддржувач за ЛГБТИ и другите маргинализирани групи. Беше наша пријателка во Собранието, кога имавме малку други. Затоа, мојот став би бил пристрасен. Но, тоа што е за поздравување е брзото увидување на критиките кај добар дел од јавноста и почитувањето на тие критики.“
Она што остана заташкано, за да не долева масло на изневерениот опозициски оган, дека „ДОМ има одлични кадри и сигурна сум дека на тоа место ќе влезе личност која доследно ќе се бори за демократските принципи“ пристигна следниот дена на службените е-пошти на многу редакции:
„Извршниот одбор на ДОМ на својата вчерашна седница ја поддржа одлуката на претседателката Лилјана Поповска да се повлече од добитното четврто место во И.Е.2, а на нејзино место да биде предложен друг кандидат од ДОМ, кој доследно ќе се бори за демократските принципи и зелените политики.“
И навистина, олкава политичка величина немало никогаш на македонската сцена. Толку голема, што малкумина ја забележаа оваа најава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.