| четврток, 6 декември 2018 |

Мудар, моќен и победнички, како што доликува на лидер на владејачка партија, го оценуваат аналитичарите говорот на Груевски

Говорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на Годишната конференција на Унијата на жени на партијата викендов беше моќен и победнички, токму така како што приликува на владејачка партија со доминантно мнозинство во Парламентот, оценува експертската јавност. Аналитичарите  нагласуваат дека како што ќе минува времето се помоќни и помоќни ќе бидат говорите и на претседателот на партијата и на носителите на листи и другите партиски претставници.

Политичкиот аналитичар Тони Науновски вели дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ мудро и политички прагматично за Македонија го поставил клучното прашање во кое се концентрирани повеќе аспекти од персоналната политичка свест на гласачите.

-Изборот пред кој денес е поставен секој Македонец е толку очигледен –или ќе гласаме за опстојување и развој на нашата унитарна, суверена држава, или ќе не снема како народ со сите битни конституенти. Притоа, сите елементи важни за секој личен политички-гласачки избор, во секоја сфера од светот на животот, се присутни – од економија до безбедност, но најважно според мене е токму фактот дека бруталниот напад врз нас како народ со своја држава го прави историскиот миг драматичен, и затоа вистинскиот избор е еден, државата, вели Науновски.

Тој смета дека македонскиот народ има концентриран повеќевековен сензибилитет, интуиција и длабока рационалност за своите лични, национални и државни интереси.

-Толку очигледните антиисториски и антинационални „концепции за редефинирање на РМ“ на ова раководство на СДСМ – за двојазичност, виткање на рбетот односно промена на името и сл., како континуитет на нелогичноста во политичката идеологија и практика на СДСМ, кои во најразлични форми се присутни од конституирањето на оваа политичка партија, максимално го симлифицираат денот 11 Декември, до ниво на сенароден референдум против ваквите погубни планови за нашата држава, кои деновиве доживуваат своевидна кулминација и добиваат радикална димензија која може да донесе фундаментални проблеми за иднината и за развојот на нашата држава, всушност за самото наше постоење како народ со своја држава, вели Науновски.

Науновски вели дека конечно денес на дело се две различни форми на политичка свест и однос кон нас, Македонците.

-Наспроти декларираната демократија како основен принцип во политиката, клучната теза која интензивно се промовира од претставници на СДСМ – и тоа се повеќе во директна, просто застрашувачка форма по основните политички права на Македонците – е класичен изблик на диктатура и диктаторска политичка свест. Искуствата кои Македонија ги има со политичките одлуки, кои не се во согласност со доминантното мислење, односно не се произлезени од потребите и концептите на повеќето Македонци се ужасни. Тие одлуки и „решенија“ на СДСМ до ден-денес имаат катастрофално влијание врз сегашноста и иднината, дури и на лично ниво, на луѓето што живеат тука. Да не заборавиме дека референцата ФИРОМ беше апсолутно против желбите и очекувањата; да не заборавиме дека приватизацијата беше направена по модели што не соодветствуваа на потребите и на идеалите за социјална и за економска правда на повеќето граѓани. Негативните последици од Законот за територијалната поделба и бојкотот на референдумот се недвосмислени показатели како за диктаторската форма на владеење и мислење така и за фактот дека бескрупулозното политичко раководство, односно власта може да ги проникне и дифузира елементите на стравот преку методите и институциите на системот. Охридскиот рамковен договор, со кој се деконструираше Уставот на Македонија, беше донесен апсолутно против политичките мислења и вредности на речиси сите Македонци, а овие најновите бладања за двојазичност и некакви форми на федерализација се кулминација на антимакедонскиот историски не- Ум, вели Науновски.

Според него, Македонците имаат стабилна политичка свест и ќе донесат рационална одлука за нивната сегашност и иднина.

-Нивниот комплексен субјективен политички свет содржи многу елементи, од чувство за националното до процена за прагматичните последици на одлуките. Но, во секој случај, тие се неодминлив субјект на политичкиот процес, посебно за клучните политички прашања, и затоа најавата за двојазичност, политички реваншизми, промена на име и идентитет и уште многу лудости кои некои политички партии сакаат насила и со медиумски пропаганди да ги воспостават, реализираат, ќе бидат демократски отфрлени на 11 Декември, за навек. И токму затоа СДСМ ќе доживее големо НЕ од Македонскиот народ, затоа што не ги одразува ставовите и перспективите на мислење на единствениот легитимен носител на политиката во Македонија, заклучива Науновски.

Универзитетскиот професор Александар Даштевски говорот на Никола Груевски го оценува како многу моќен и победнички и како што нагласува, токму така како што приликува на владејачка партија која има доминантно мнозинство во Парламентот. Даштевски смета дека тоа е одраз на сето тоа што се случуваше во Македонија. Груевски, потенцира Даштевски, уште пред една година рече: „Ќе ве победиме така силно што нема да знаете што ви се случило“ и овој говор го смета како почеток на реализиција на таа победа.

-Кога ќе ги видиме листите на СДСМ мислам дека веќе се е одлучено. Мое лично мислење е дека пред програмата се луѓето и ние сметавме дека секој ќе даде нешто максимално што може за да може да се оствари таа програма, а кога се истакнуваат овие луѓе на листите, тогаш е јасно дека немаат никаква програма, ниту пак тие луѓе може да ја спроведат таа програма, бидејќи тие сами помеѓу себе се контрадикторни. Од една страна, професорот што го ставија Ферид Мухиќ е против абортусот, а официјалната политика на СДСМ е за абортусот, така што во старт даваат контрадикторни изјави и не само тие туку и другите. На пример, Павле Богоевски тврди дека никогаш не би се зачленил во СДСМ, а кога ќе го прашате зошто е на листа, затоа што ја подржува политиката на СДСМ, значи контрадикторни се, вели Даштевски.

Ако земете научно- самиот тој назив „план“, додава Даштевски, за оние кои ја разбираат економијата, план е нешто мало што може да се разбере во неколку страници, додека програма е нешто големо што се спроведува во среднорочен период од 3 до 5 години.

-Така што веднаш во старт утната е главната поента. Не може да биде план нешто што ќе се оствари, бидејќи планот е нешто концизно, мало, во неколку страници. Но, без разлика дали СДСМ ќе извади програма до изборите, треба луѓе кои ќе ја реализираат , а овие луѓе дел од шарените, дел од коалиција на граѓани, не можат да ја остварат таа програма бидејќи премногу слаба е листата. Доказ за тоа е состојбата во СДСМ, гледаме дека тие сами се испокараа меѓу себе. Ниту Албанците пак не се задоволни, видовме дека има само еден Албанец на листа, смета Даштевски.

Тој додава дека како ќе поминува времето се помоќни и помоќни ќе бидат говорите како на претседателот на партијата, така и на носителите на листи и другите претставници од страна на владејачката партија.

-Од друга страна многу им е полесно затоа што веќе имаат зацртана програма со зацртани рокови за исполнување, а веќе и имаме искуство во тоа дека навистина се исполнуваат роковите, дека не се само обични ветувања. Тоа е тоа во што верува народот. Најголем број на реформи се направени во последните 10-тина години и затоа постојано добиваме позитивни препораки од страна на ЕУ, заклучува Даштевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top