Македонската филхармонија најави симфонискиот концерт „Enfant Terrible“, кој ќе се одржи на 10 ноември во Домот на АРМ во 20 часот, и на кој како солист ќе настапи македонскиот и светски виолинист Ѓорѓи Димчевски!
Еден од најдобрите млади уметници денес, Ѓорѓи Димчевски, концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија што концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија, а кој е предводен од славниот Лорин Мазел, ќе го изведе комплексниот Концерт за виолина бр. 1 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
Иако млад, Димчевски зад себе има многу награди и бројни настапи како солист во Европа и светот, а како концерт-мајстор редовно настапува заедно со Оркестарот на Валенсија изведувајќи плејада врвни дела под палката на славните диригенти Лорин Мазел, Зубин Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев, Пласидо Доминго…
Диригент на концертот „Enfant Terrible“ ќе биде миленикот на македонската публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, а ќе бидат изведени и Симфонијата бр.1 „Класична“ од Прокофјев, композиторот кој секогаш ја изненадувал публиката со својата уметничка појава на „enfant terrible“, од каде е и насловот на концертот, како и Симфонијата бр. 39 од музичкиот гениј В. А. Моцарт.
Ѓорѓи Димчевски е еден од највпечатливите претставници на новата генерација македонски музичари со завидна светска кариера. Од 2007 година, тој е концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија, што концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија, предводен од славниот Лорин Мазел. Оттогаш се етаблира како исклучителен солист, камерен музичар, оркестарски музичар и професор по виолина. Роден е во музичко семејство и уште од рана возраст покажувал силни афинитети за музика, па така првите часови по виолина ги имал кај својот дедо. Добитник е на први награди на Националниот натпревар по виолина, на Интернационалниот натпревар по виолина во Белград, на виолинискиот натпревар во Перпињан, Франција. Дипломирал на Конзерваториумот во Тулуз со високи почести во класата на проф. Благоја Димчевски и на Универзитетот за музика во Келн, во класата на проф. Виктор Третјаков. На само 13 години, Димчевски настапил како солист со Македонската филхармонија изведувајќи го Концертот за виолина бр. 1 од Виењавски. Како солист настапувал и со Оркестарот на Валенсија, со Класичната филхармонија на Бон, потоа во Келн и во Хамбург, со диригенти како Омер Меир Велбер или Пол Ман. Како концерт-мајстор, пак, Димчевски редовно настапува заедно со Оркестарот на Валенсија изведувајќи плејада врвни дела под палката на славните диригенти Мазел, Мехта, Џорџ Претр, Валери Гергиев, Пласидо Доминго, Рикардо Шаји, како и со Симфонискиот оркестар на Астуријас со Росен Миланов или со Класичниот оркестар на Санта Сесилија со Илија Корол. На предлог на маестро Мехта, Димчевски бил поканет да биде гостин концерт-мајстор на Израелската филхармонија за Европската фестивалска турнеја, како и за турнејата во Јужна Америка. Оркестарот го предводел токму маестро Мехта. Неговата посветеност и за камерната музика го води на најпрестижните фестивали во Европа, а меѓу другите, настапувал заедно и со пијанистот Симон Трпчески и со виолончелистката Каори Јамагами. Во 2015 година е назначен за професор по виолина на постдипломските студии за музичка интерпретација на Меѓународниот универзитет во Валенсија. Ѓорѓи Димчевски е специјален гостин на последното цеде на славниот оперски пејач Пласидо Доминго, насловено „Encanto del Mar“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.