| четврток, 6 декември 2018 |

Димитриев: Кина нуди соработка во инфраструктурата, туризмот и во „зелени инвестиции“

%d1%81%d0%b0%d0%bc%d0%b8%d1%82

Стратешки интерес на Народна Република Кина е трговскиот суфицит што го имаат со делот од Источна и Централна Европа да го намалат, со инвестирање во изградба на инфраструктурата, туризмот и во прехрамбената и земјоделската индустрија во земјите-партнери од регионот. Ова е заклучокот од Петтиот состанок на шефовите на владите на 16 централно-источно европски земји меѓу кои и Република Македонија со Кина во Рига, јави дописникот на МИА од летонската престолнина.

Заедно со кинескиот премиер Качијанг Ли и премиерите на десет земји-членки на Европската унија, плус шефовите на Владите на шест балкански земји, на овој Самит во Рига присуствуваше и македонскиот премиер за спроведување на изборите Емил Димитриев, заедно со вицепремиерите за економски прашања и за надворешни работи, Владимир Пешевски и Никола Попоски и владина делегација. Тие го претставија позитивното искуство што македонската држава го има со кинеското кредитирање во инвестирање во патната инфраструктура во државата.

%d1%81%d0%b0%d0%bc%d0%b8%d1%822

Во изјава за МИА, премиерот Димитриев по состанокот посочи дека имало плодни дискусии од сите присутни на Самитот, при што претставниците на земјите-партиципиенти ги истакнале своите позиции и размислувања за унапредување на соработката со НР Кина.

– Во тој контекст и нашите позиции беа дека ние нудиме соработка во повеќе области, но имаме и претходно остварена соработка со Кина во овој формат. Од страна на кинескиот премиер беше искажан нивниот интерес, односно областите во кои сметаат дека можеме да дојдеме до конкретна соработка. Тоа се соработка во делот на инфраструктурата, за што ние имавме дискусии и размислувања и конкретни предлози. Понатаму, во делот на туризмот и соработка во делот на т.н. зелени инвестиции. Сите овие области се прифатливи за нас како области за соработка и за одреден дел од нив имаме конкретни проекти што сега ги претставивме. За одредени области сметам дека дополнително треба да направиме наши предлози што во иднина би можеле да бидат основа за склучување на договори за конкретна соработка со НР Кина, истакна Димитриев

%d1%81%d0%b0%d0%bc%d0%b8%d1%823

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, пак, додаде дека на Петтиот состанок на државите од Централна и Источна Европа во форматот „16+1“ била испратена охрабрувачка порака од кинескиот премиер Ли, која е комплементарна со стратегијата на Република Македонија. Ли, според Пешевски, во своите завршни зборови на состанокот ги охрабрил кинеските компании, особено оние што се конкурентни на светско ниво, да дојдат во регионот, да најдат држави што имаат поволна инвестициска клима и поволни можности за раст на овие пазари и тука да направат инвестиција, како во логистика или во некакво производство, со цел да се зголеми соработката меѓу овие држави и НР Кина.

– Причината ја кажа и кинескиот премиер Ли, дека еден од стратешките интереси на Кина е трговскиот суфицит што го имаат со овој дел од светот да го намалат, што е одлична шанса и за нашите компании во прехрамбената и земјоделската индустрија да најдат партнери што понатаму ќе помогнат за извоз на производи од Република Македонија кон Кина. Сметам дека една ваква силна политичка порака е добра за Македонија, бидејќи од сите земји што се присутни на овој Самит, ние имаме убедливо најдобра деловна клима, потврдена од голем број на институции, а и веќе имаме успешни проекти со НР Кина, па сметаме дека тоа е одлична основа да се привлечат и нови кинески компании. Со дел од нив ќе имаме средби во текот на утрешниот ден и да се види дали тие ќе го најдат интересот да инвестираат во Република Македонија, бидејќи за нас е тоа важно. Секоја нова инвестиција значи отворање на нови работни места, понатамошно подигнување на животниот стандард и едноставно прогрес на Македонија, посочи Пешевски.

Во рамки на овој Самит, Македонија и НР Кина потпишаа договор за визна либерализација на носителите на дипломатски и службени патни исправи, а важно е што македонската држава на целиот Самит и при сите говори и официјални документи, беше претставена со уставното име „Република Македонија“ и во секој дел беше употребена придавката „македонски“. Во овој контекст, според вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, стратешки важно за Македонија е што културниот центар на 16-те европски земји со Кина во иднина ќе биде стациониран во македонската држава.

– Овој Самит беше посветен на повеќе полиња на соработка меѓу Кина и 16-те земји од Централна и Источна Европа. Во делот на културата, Македонија е на добар пат да биде домаќин на Центарот за културна соработка меѓу Централна и Источна Еворпа и Кина. За нас е тоа прилично значаен домен, бидејќи е и добра можност за промоција на Македонија на кинескиот пазар и во заедничка соработка со останатите источно и централно-европски земји, со цел да можеме да ја претставиме Македонија во едно позитивно светло. Сметаме дека со еден ваков гест, промоцијата на земјата и можностите за зголемен интерес од кинеска страна за Македонија ќе се зголемат, па тука ја гледаме додадената вредност на Македонија, како земја што во доменот на културата е дефинитивно препознатлива, беше дециден вицепремиерот Попоски.

На маргините на денешниот Самит во Рига, премиерот Димитриев и високата владина делгација остварија голем број билатерални средби, при што за издвојвуање се оние со неговиот бугарски колега Бојко Борисов и со чешкиот премиер Бохуслав Соботка, додека вицепремиерот Попоски се сретна со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, а, пак, вицепремиерот Пешевски присуствуваше на бизнис-форум.

Во текот на утрешниот ден, владината делегација на чело со премиерот Димитриев, се очекува во Рига да има исто така бројни средби со останатите присутни државници и со претставници на големи компании од Кина и од државите-партиципиенти на состанокот на земјите од Централна и Источна Европа со НР Кина

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top