Македонската ракометна репрезентација денеска и гостува на Чешка во дуел од 2.коло во квалификациите за Европското првенство 2018.
Домаќините посакуваат „одмазда“ за јунскиот пораз кога по баражот со нашите ракометари останаа без пласман на Мундијалот.
Капитенот на Македонија Кирил Лазаров апелира на смирена игра, посебно во почетните минути кога очекува Чесите да тргнат многу силно.
– Знам дека ќе се обидат да тргнат фуриозно со сите сили од самиот почеток, да слават што поубедливо. Ако тргнат така, ние ќе треба да го искористиме тоа и со смирена игра да ги користиме грешките во нивните редови. Чесите се фаворити, бидејќи тие на домашен терен победувале и поголеми репрезентации од нашата. Во Исланд одиграа екстра квалитетно, но загубија. Сега сигурно ќе сакаат да ги прокнижат првите бодови. Ние не треба премногу да се оптоваруваме, треба да веруваме во себе, тоа ќе бидат 60 долги минути на гостински терен пред полна сала, но треба да останеме позитивни, да одиграме најдобро што знаеме и да сториме се за добар резултат, изјави Лазаров.
Натпреварот Чешка – Македонија почнува во 14 часот и 25 минути.
На другиот дуел од Група 4, Украина го пречекува Исланд (почеток 17 часот).
Водат Македонија и Исланд со по два бода, Чешка и Украина се без бодови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.