Ќе бидат презентирани и рачно изработени предмети инспирирани од оригиналните најдени на територијата на Македонија, најмногу од локалитетот Скупи кај Скопје, кои се чуваат во музеите…
Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ е организатор на првиот Фестивал на древна римска култура „Scupini Romani“ (Римјани од Скупи) кој ќе се одржи во недела од 10 до 16 часот на просторот во комплексот „Ореов лад“ во Скопје.
Фестивалот ќе прикаже реконструирана римска населба и ќе го отслика секојдневието на Римјаните кои во антиката живееле на овие простори – ќе може да се дегустира храна од тоа време (јадења со мед, ореви, лешници, раститетлни паштети, римски леб направен со козјо сирење, вино…) послужена во садови од керамика. Ќе бидат презентирани и рачно изработени предмети инспирирани од оригиналните најдени на територијата на Македонија, најмногу од локалитетот Скупи кај Скопје, кои се чуваат во музеите.
Организаторите ќе носат накит и автентична облека (тога, хитон, туника…) изработена од модната дизајнерка Магдалена Таневска, главно од волна и лен – како што користеле и Римјаните. Посетителите ќе може да пробаат од храната, да купат сувенир и да се фотографираат во римска облека.
– Со оглед на богатото културно наследство од римскиот период во Македонија, сакавме да направиме настан каде посетителите ќе се вратат назад во времето и ќе ѕирнат за момент како изгледал реконструиран секојдневниот живот на старите Римјани, каква мода имале, каков накит носеле, од какви садови јаделе, на кој начин ја подготвувале храната и какви занаети практикувале, рече на прес-конференција Василка Димитровска, археолог и директор на „Хаемус“.
Во импровизираната римска населба ќе има работилници за керамика, накит, плетење, изработка на мозаик, римски фризури и обработка на метал, и секоја од нив ќе ја води стручњак во областа, а на фестивалот ќе бидат одржани и предавања на соодветни теми. Идејата за ваков фестивал постоела четири години, односно од основањето на „Хаемус“, а интензивно го подготвувале во изминатите десет месеци.
Во организацијата на „Scupini Romani“ се вклучени и археолози од познатиот и многу посетен Археолошки парк „Виминациум“ во североисточна Србија, кој е еден од најголемите локалитети од римскиот период на Балканот. Партнерите од „Виминациум“ ќе помогнат во ревијата на римска облека и во реконструкцијата на римска храна.
На прес-конференцијата присуствуваше амбасадорката на Србија во Македонија Душанка Томиќ која рече дека оваа соработка е потврда за добрите релации во културата меѓу двете соседни држави.
– Проектите што ги прави „Хаемус“ се значајни зашто покажуваат колку сме богати ние на ова мало географско подрачје, дека имаме со што да му се претставиме на светот и да бидеме горди бидејќи за многу од она што го имаме светот, за жал, не знае, ниту пак може да се пофали со такво богатство што го имаме ние на нашите простори. Нашиот Виминациум е исклучително значаен локалитет, всушност воена структура, легионерска кота која датира уште од првиот век п.н.е. Тој имал значајна улога во историјата. На просторите на денешна Србија во некој момент престојувале, се родиле или поминале 17 римски императори и сите зад себе оставиле одредени археолошки вредности. Тие постепено се истражуваат за да бидат достапни на пошироката јавност, рече Томиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.