| четврток, 6 декември 2018 |

Чавушоглу: Ако останат визите, го суспендираме договорот со ЕУ

Турција ѝ се закани на Европската унија дека ќе го стопира Договорот за бегалците и пред крајот на оваа година, доколку Брисел наскоро не ги исполни барањата на Анкара и не ги укине визите за турските државјани за патување во ЕУ.

– Нашето трпение е при крај – изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлљт Чавушоглу во интервју за швајцарскиот весник „Ное Цирхер Цајтунг“.

– Чекаме одговор од ЕУ овие денови. Доколку не стигне, ќе ја откажеме Спогодбата, предупреди Чавушоглу.

Турција, според него, реагирала на барањата на Брисел и подготвила измени на својот закон за борба против тероризмот, што ЕУ го постави како еден од критеримите за визна либерализација.

– Се придржуваме кон договорот со ЕУ и очекуваме тоа да го стори и Европа. Доколку тоа не се случи, ќе ја суспендираме Спогодбата со ЕУ и во таа област – додаде тој.

На прашањето кога  може да се случи тоа, Чавушоглу изјави дека Турција веќе претходно го споменувала крајот на октомври како можен рок.

– Секеко нема да чекаме до крајот на годината – нагласи шефот на турската дипломатија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top