| четврток, 6 декември 2018 |

Борче Димитровски: 2016 ја одбележаа големи настани и гостувања во ЦК Битола

Деновиве во организацијата Центарот за култура-Битола почна недела на шпански филм. За каква манифестација станува збор и што ќе и биде понудено на публиката покрај филмовите? Запознавање со шпанската култура, литература, музика, традиција…?

-Оваа манифестација е продолжување на одличната соработка со Амбасадите на странските држави во Македонија и презентирање на нивната култура и традиција, така веќе традиционално се реализира Фестивалот на нов германски филм, деновите на францускиот и италијански филм, а оваа година за прв пат и недела на шпанскиот филм во партнерство со Амбасадата на Кралството Шпанија. Филмофилите од Битола имаа можност да ги погледнат „Среќна ѕвезда“ во режија на Рикардо Франко, трилерот „Нема мир за злите“ во режија на Енрике Урбизу“, урбаната комедија „Овците не го пропуштаат возот“ во режија на Алваро Фернандез Армеро, анимираниот филм за авантурите на Дон Кихот и Санчо Панса „Магарето на Дон Кихот“ во режија на Хосе Позо, а ќе биде прикажан и „Сите тие се мртви’ во режија на Беатриз Санчез.

14593314_10154011154633652_1750953219_n

Почнува и Фестивалот „Музика на светот“. Најавени се неколку светски музички ѕвезди. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

-Со гордост и големо задоволство може да го најавам и 8 мото издание на Фестивал на музика од светот, кој ќе се одржи следниот викенд, на 5 ти и 6 ти ноември. Овој фестивал веќе станува релевантен не само во македонски туку и во регионални рамки бидејќи дел од претходните изданија беа имиња со светско реноме кои и подарија на Битола феномални концерти и незаборавни моменти…Ришар Галијано, Раби Абу Калил, Наташа Атлас, Баба Зула, Васил Хаџиманов Бенд, а од Македонија дел од програмата беа Љубојна, Каролина Гочева, Никола Коџабашија, Фолтин. Оваа година повторно атрактивна програма, првиот фестивалски ден е концертот на португалската дива со светска кариера Тереза Салгуеро, поранешен вокал на култниот бенд Мадредеуш, која оваа година прославува 30 години од почетокот на кариерата и Битола е на мапата на светската турнеја која се протега од Тајван до Бразил, од Финска до Португалија во текот на оваа 2016 година. Втората вечер е за новата европска ѕвезда, Каршу. Меѓународно реномираната Карсу Донмез, вокалист и пијанистка од Холандија со турско потекло ќе настапи на 6 ноември. Донмез се смета за една од 10-те највлијателни турски имиња во последните 50 години. Нејзината музика го отсликува нејзиното мултикултурно потекло и е мешавина од различни жанрови – џез, фанк, блуз и реге. Настапувала на некои од најзначајните музички сцени во светот, а оваа година е добитник на една од најпрестижните музички награди Едисон џез/свет во Холандија.

dscn5999_640x480

Забележлива е големата активност на Центарот за култура, чиј прв човек сте. Во салата се одржуваат проекции, промоции, концерти, филмски и музички фестивали, гостувања на Охридскиот театар, Македонската филхармонија…Што ќе се реализира до крајов на годинава? Има ли некакво изненадување можеби за новогодишните и божиќните празници?

-Оваа 2016 иако ќе звучи нескромно ја окарактеризираа поголем број на големи и значајни настани и гостувања во ЦК Битола, би ги издвоил настапите на МОБ со Кармина Бурана, феноменалниот концерт на Ана и Игор Дурловски, концертите на Камерниот Оркестар на Битола, Танец, Македонската Филхармонија, а до крајот на годината покрај Фестивал на музика од светот, во декември свој концерт ќе одржи македонската етно група Баклава, потоа тука е традиционалниот новогодишен концерт на Камерниот Оркестар на Битола, најновите премиери кои ќе бидат дел од репертоарот на 3D киното, а секако и неколку изненадувања за верната публика кои ќе ги откриеме наскоро…

2

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top