Директорот на Управата за јавни приходи (УЈП) Анастасија Илиеска денеска имаше работна средба со делегација на Даночната управа на Република Црна Гора, предводена од генералниот директор Миомир Мугоша.
Во делегацијата, соопшти УЈП, беа и замениците-директори Сретен Гребовиќ и Драган Јанковиќ.
Соговорниците разменија искуства и мислења околу управувањето со долгот и стратегиите за контрола на пристап и е-ревизија како клучни теми во работата на двете управи, но се осврнаа и на секојдневните предизвици. Во дискусијата, клучен акцент беше ставен на законските рамки со кои располагаат двете управи, како и на размената на информации околу правната регулатива која ги опфаќа даночната политика, процесот на оданочување и модернизација, односно воведувањето и имплементацијата на електронски услуги за даночните обврзници со цел зголемување на нивото на ефикасност во наплатата.
Илиеска потенцира дека еден од клучните фактори за ефикасна работа и успешни резултати е токму размената на информации и добри практики. Истакна и дека овозможувањето едноставни и брзи услуги за даночните обврзници е врвен приоритет и стратегиска цел на УЈП.
Според неа, УЈП е целосно насочена кон исполнување на законските обврски. – Посветено работиме да го зголемиме нивото на лојална конкуренција, да придонесеме да се зголеми нивото на наплата на даноци, да се намали сивата економија и да се овозможи нормално извршување на функциите на буџетот на државата, како и на се што е во интерес на сите граѓани, нагласи директорката.
Во периодот што претстои, додаде, УЈП ќе организира едукативни програми и директни средби со граѓаните за да се подигне нивото на свест и за да се унапреди соработката што е единствен начин за подигнување на даночната политика во земјата на повисоко ниво.
На средбата стана збор и за можни идни заеднички проекти кои би ги реализирале двете управи, со акцент што повеќе да се доближи работата и соработката на даночните службеници од двете земји и на тој начин да се креира позитивна клима и размена на искуства.
Раководствата на двете управи искажаа недвосмислена меѓусебна доверба за соработка како пример и поттик, нагласија, за останатите управи на државите од регионот.
– Заеднички, преку меѓусебна билатерална соработка, усогласени со регулативата на ЕУ, да ги развиваме односите, да го градиме духот на професионализмот и на најдобар можен начин, со своето функционирање, да придонесеме за економски развој на сопствените држави, порача директорката Анастасија Илиеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.