Претседателот на САД, Барак Обама, изјави денеска дека верува оти директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Џејмс Коми е човек со интегритет кој не се обидува да влијае на американските претседателски избори со најавата за истрагата на дополнителните електронски пораки од приватниот сервер на демократската кандидатка Хилари Клинтон.
Ова денеска го соопшти портпаролот на Белата куќа Џош Ернест кој нагласи дека Обама и понатаму има целосна доверба во Клинтон.
Ернест, исто така наведе дека нема „независни информации“ за тоа како Коми дошол до одлуката за јавно откриената истрага на ФБИ за електронските пораки ниту знае „кои фактори се земени во предвид“ за оваа одлука на директорот на ФБИ.
Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Хари Рид, го обвини ФБИ дека има двојни стандарди, бидејќи го насочил вниманието кон истрагата за мејловите на кандидатката за претседател на САД, Хилари Клинтон, и покрај тоа што има „експлозивни информации“ за врските меѓу нејзиниот ривал Доналд Трамп и Владата на Русија.
Како што пишува „Индепендет“, во писмото кое Рид го испратил до директорот на ФБИ, било наведено дека е јасно оти Коми поседува информации за блиските врски меѓу републиканскиот кандидат за Белата куќа Доналд Трамп, неговиот советник и Владата на Русија.
„Јавноста има право да ги знае тие информации“, стои во писмото на Рид.
Имено, демократите и претходно укажуваа на поврзаноста меѓу Трамп и претседателот на Русија, Владимир Путин.
Во претходната дебата, демократската кандидатка Клинтон директно го обвини нејзиниот ривал Трамп дека е „кукла на Путин“, а републиканскиот кандидат категорично го отфрли обвинението.
Во меѓувреме, разузнавачките служби во САД заклучија дека хакери од Русија се одговорни за провалувањето на мејловите на Демократскиот Национален Комитет.
ФБИ пред два денови соопшти дека ја испитува можноста за повторна истрага, откако беа пронајдени нови мејлови од приватниот сервер на Хилари Клинтон кои би можеле да содржат доверливи информации.
ФБИ во јули соопшти дека истрагата во врска со тој случај е затворена.
Откривањето на новите мејлови на Клинтон, од времето кога беше државен секретар на САД, ја покренува можноста за повторно отворање на истрагата за демократскиот претседателски кандидат само неколку дена пред изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.