| четврток, 6 декември 2018 |

„Форбс“: Груевски е силен и прагматичен прозападен политичар кој ќе победи на следните избори

Американското економско списание „Форбс“, по интервјуто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, објави и репортажа за, како што велат, „прагматичниот и силен прозападен водач на партија која го поддржува бизнисот“ во која се најавува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на претстојните избори во декември.
Според „Форбс“, овој изборен резултат ќе значи дека уште една балканска држава ја потврдила својата прозападна насока, по исходот на изборите во Црна Гора.

Ќе победиме на претстојните избори. Политичката криза и наштети на економијата, но и покрај тоа успеавме да задржиме позитивна насока во индустрискиот раст и во економијата во целина. Водиме разговори со нови инвеститори кои ги паузираа или откажаа своите одлуки поради политичката криза. Сега сите, и домашните и странските фактори, сакаат кризата да заврши, и таа ќе заврши во декември, вели Груевски за „Форбс“.

Во интервјуто, Форбс најавува дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе победат на претстојните избори. Според Форбс, земјата успеала да ја надмине големата  мигрантска криза, а сега излегува и од политичката криза.

– Македонија е земја од поранешниот комунистички блок која спроведува пазарни реформи и воведува капитализам од западен вид. Повеќе американски компании го забележаа тоа и отворија свои фабрики во Македонија. За 11 декември се закажани избори кои по се изгледа ќе донесат победа на владејачката партија, и покрај неодамнешниот период на нестабилност. Како и да е, ниту политичкиот застој ниту мигрантската криза од 2015 година не успеаја да и наштетат на оваа мала држава од два милиона луѓе, пишува Форбс во воведот на интервјуто.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top