| четврток, 6 декември 2018 |

Петиција за признавање на македонскиот јазик во Грција

Обединетата македонска дијаспора почна акција за признавање на основните човекови права на Македонците во Грција преку петиција во која се повикува грчката влада да се заложи за поддршка на македонскиот јазик и да ја ратификува Европската повелба за регионални и за малцински јазици.

Со оваа петиција се бара Грција, конечно, да ја потпише Европската повелба за регионални и за малцински јазици, чијашто парламентарна ратификација намерно се одложува и да почне да ги почитува утврдените европски правила и стандарди за легално користење на мајчиниот јазик во училиштата и во институциите.

Петицијата ја организира претставникот на Обединетата македонска дијаспора во Грција, Евгенија Нацилиду.

– Добредојдени се да се потпишат не само Македонците во дијаспората туку и сите тие што не поддржуваат и што со години не се согласуваат со тортурата врз Македонците и врз нашиот јазик во Грција. Ако чекаме некој да го направи ова за нас, никогаш нема да го добиеме тоа што го бараме. А, не бараме нешто што е надвор од европските правила и стандарди, напротив, бараме нешто што Грција е обврзана да го направи, а тоа е потпишувањето на Европската повелба за регионални и малцински јазици, вели Нацилиду за „Дневник“ .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top