Градот Скопје најавува градежен бум во секоја општина.
До средината на следната година ќе бидат завршени сите оние булевари кои во моментов се градат во градот Скопје, како што се булеварите „Србија“, „Борис Трајковски“, „Трета Македонска бригада“, „Христијан Тодоровски Карпош“, информира градоначалникот Коце Трајановски.
Нивната вредност е голема, секој чини по неколку милиони евра.
-Ова се проекти кои ќе значат многу за подобрување на сообраќајот и движењето на возилата во градот Скопје, за екологијата, за безбедноста. Исто така, најавуваме и нови проекти кои што ќе значат и дополнително подобрување на сообраќајот во Скопје. Во секоја од општините, ниту една општина нема да биде заборавена. Во Сарај ќе се реконструира главната улица, во Ѓорче Петров ќе има реконструкција на вториот дел од „Борис Сарафов“ заедно со атмосферска канализација. Во Карпош ќе се реконструира улицата Лондонска и кружниот тек кај Хубо маркет. Во Центар ќе работиме на кракот од „Теодосиј Гологанов“ до „Климент Охридски“, кружниот тек, проектирањето на јужниот булевар од кружниот тек до рампата Кисела Вода, со неколку кружни текови позади Рамстор, истакна Трајановски.
Во општина Кисела Вода ќе се реконструира вториот дел од „Народни херои“ и „Есенинова“. Во општина Аеродром, пак, ќе се реконструираат „Февруарски поход“, „Васко Каранѓелески“ од Мајчин Дом до хотел Русија. „Васко Каранѓелески“ со новите реконструкции ќе биде целосно пробиен како што е предвидено.
-Во општина Гази Баба ќе биде проширувањето на влезот во градот Скопје, на булеварот „Александар Македонски“ од Агро сервис до АСУЦ. Во Чаир ќе биде реконструирана Пластичарска улица односно „Никола Карев“ и реконструкција на Втора Македонска бригада, од седиштето на општина Чаир, па се до „Лазо Трпковски“ до кружниот тек кој веќе е направен. Во општина Бутел, ќе ја завршиме улицата „Александар Урдаревски“ и исто така се надевам дека ќе ја започнеме „Боца Иванова“ од кружниот тек до „Христијан Тодоровски-Карпош“ кој сметаме дека ќе биде завршен следната година. Во општина Шуто Оризари атмосферската канализација на „Индира Ганди“ и целосна санација и реконструкција, истакна градоначалникот на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.