Неверојатно е со каква леснотија првиот социјалдемократ сега се обидува да прикаже нормалност во кампањата откако му пукна балонот уште пред официјално да се распушти Собранието и да почне трката по гласови. СДСМ и Зоран Заев сега мораат и да глумат пристојност претставувајќи некаков официјален „План…“, иако на сите однапред им е јасен резултатот од соочувањето со јавноста. Всушност, ниту на Заев ниту на раководството му е грижа за тоа како јавноста сега гледа на тоа што го презентираат во дневните партиски активности. Главната грижа е што во меѓувреме, во овие изброени денови до гласањето, ќе сторат главните адути на СДСМ, СЈО и МВР на Спасовски, за колку-толку да се ублажи падот. Вистинскиот план е оставен во нивни раце. Но, сепак, ова е предизборен период во кој СДСМ мора да покаже активно учество на терен. А таму, пак, состојбата е катастрофална за опозицијата.
Нема сериозна политичка партија, да не зборуваме за главна опозициска партија, која секојдневно не ја мери својата позиционираност на терен. Практика е резултатите од таквите анкети, пак, да се користат и во политички маркетинг. Но, како и во досегашното искуство со СДСМ во опозиција, таквиот приод изостанува. Но, тоа не значи дека нема мерење на јавното мислење или дека СДСМ не спроведува анкети. Нив ги има, но не се ниту приближно во корист на опозицијата за да може со нивно објавување да се предизвика маркетиншки ефект. Затоа тие анкети се кријат дури и од поширокиот круг од партиското раководство.
Но, и без анкети има многу показатели дека работата на терен, меѓу граѓаните е поразителна за планот на Заеви. Прво, заевистите привидно се обидуваат да избегаат од чиста црна кампања. Второ, во тој обид за „позитивен приод“ вештачки се прикажува постоење партиска изборна програма. Третиот показател, пак, е најсимптоматичен. Како со нож пресечено, од кампањата ги снема флоскулите за СДСМ – најголема партија на Албанците, воведувањето на албанскиот јазик насекаде во Македонија, а како во земја да пропадна и најновата ѕвезда на СДСМ и маркетиншки двигател за престројување кон „СДСМ албанска“, доскорашниот главен декор на Заев, „независниот“ новинар Мухамед Зекири.
Нив ги заменија ветувања пред граѓаните за економски зафати кои не само што немаат економски разработена стратегија, туку и потсетуваат на некои минати предизборни памфлети кои го предизвикаа најголемите порази на партијата на избори. Нема повозрасен гласач кому ветувањето за вработување на секој дипломиран студент не го потсетува на познатото старо ветување од СДСМ за „барем еден вработен од секое семејство“. Сосема се легитимни и прашањата во јавноста, а каде тоа СДСМ ќе ги вработува луѓето, ако десет години настапите им се полни со обвинувања за превработеност во администрацијата, а државата пред економски колапс? На смеа и на шега се коментира дека и СЈО се пополни. Дали можеби Заев ќе ги вработува во компаниите на неговиот клан? И, впрочем, колкава е просечната плата на работниците во тие фирми, дали можеби е од 500 до 1.000 евра, колку што сега, во кампања, „од ракав“ се ветуваат? Згора на тоа, зошто Заев и челниците на партијата зборуваат за проекти кои веќе се воведени и функционираат, како, на пример, бесплатен интернет или автобуски превоз за студентите, или изградба на фитнес-центри. Ако ништо повеќе, токму тие проекти беа на удар на критики од опозицијата. Доколку не беше трагичен, овој обид за привид на нормалност што го прикажува СДСМ ќе беше смешен.
На што се должи оваа игра на сенки која сега ја играат заевистите? Неспорно, на експлозијата од незадоволство што ја предизвика неговата изјава, а потоа и потврда (за секој случај, заради неброените демантирања на Заев од Заев) за воведувања втор официјален јазик на територија на целата држава, како недвосмисленото кокетирање со албанските гласачи во Македонија. Вистинскиот „план“ на теренот го задава ударот и со наоѓање кредибилни партнери за изборно коалицирање. Едно е јасно, Заев тоа што веројатно го ветил мораше и да го испорача таму од каде што добиваше поддршка во сета долготрајност на кризата. Но, и неговите ментори и самиот тој направи погрешна проценка за однесувањето и безрезервната поддршка од гласачите Македонци заради нивното „незадоволство од режимот“. Ако СДСМ декларативно ги негира сите анализи за можни натамошни последици од таквото ветување, кои водат до федерализација на државата, тие тези имаат силна поткрепа уште од СМС пораките на Заев до лидерот на ДПА, Мендух Тачи, па до изјавата на лидерот на албанската дијаспора Муса Љамалари. За потсетување, во пораките до Тачи, Заев јасно и недвосмислено посочува дека од „повисоките надвор од Македонија“ е подготвуван за „воспоставување соработка со тројката која ќе има големи придобивки во иднина, а тоа сте вие (Тачи, н.з), Харадинај и Бериша“. Љамалари, пак, отворено призна дека имал средби со Заев со кого разговарале за федерализација, за што, како вели Љамалари, сите знаат дека тој се залага.
Тоа што сега е извесно за СДСМ е дека одговорот на албанизацијата на државата ќе биде јасен на изборите и тие се готови уште пред да се случат. Катастрофалниот пораз за Заев и неговиот тим потоа ќе мора да го објаснат пред сопартијците, кои веќе му ја „одмеруваат кожата“. А причини за тоа, покрај албанизацијата на партијата и концептот на државата, се и поделбата на пратенички места и функции и со „улична герила“, но и со „резервираните“ по желба на Бранко Црвенковски. Заевистите сега осмислуваат и изведуваат акција за сопствен спас. Затоа изборните ветувања и нема потреба да имаат вистински разработена поткрепа. Важно е само да се извлече некој глас повеќе и да избегне најголем пораз во историјата, кој неминовно ќе предизвика преврат и чистка во партијата.
Сите надежи за опстојување на партиското раководство сега ги гледаат во џокерите СЈО и МВР. Но, ако насоките од дипломатите кон СЈО се тоа да се притаи до изборите, што сѐ навистина може да предизвикаат заевистите за сопствен спас? Цената за таков предизвик е висока. Часовникот отчукува, а времето за изборите како пресек на кризата несопирливо наближува. Македонија во сиот овој кризен период покажа трпение, зрелост и чувство за државност. Својата цврстина, несомнено, ќе ја покаже и сега кога е најмногу потребна.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 217. број на неделникот „Република“, 28.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.