| четврток, 6 декември 2018 |

Од 31 октомри Скопје-Хановер за 899 денари

Скопје – Хановер е новата линија која од 31 октомври ќе сообраќа од Аеродромот Александар Велики, а билетите ќе се резервираат по цени почнувајќи од 899 денари за билет во еден правец, соопштија денеска од ТАВ и Виз ер.

Авиопревозникот ќе оперира на оваа линија два пати неделно за време на зимската сезона 2016/2017 година. Секој понеделник и петок воздухопловите ќе заминуваат од Скопје, додека во вторник и сабота ќе пристигнуваат од Хановер.

Првиот авион од Скопје за Хановер во понеделник ќе полета во 18:50 часот, а потоа од Хановер ќе пристигне во Скопје на 1 ноември во 00:25 часот.

– Хановер е 23-та дестинација со која Виз ер оперира од скопскиот аеродром Александар Велики, а истовремено деветта дестинација од Скопје и од Македонија до Германија. Очекуваме оваа авиолинија да се покаже како успешна и да ги поврзува нашите патници со Германија, од деловни и образовни причини или пак за одмор и релаксација, а во исто време да донесе и германски туристи и бизнисмени во Македонија, истакна генералениот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски.

Покрај Хановер, како 23. дестинација на оваа авиокомпанија, скопскиот аеродром е поврзан со осум други градови во Германија: Берлин, Келн, Дортмунд, Франкфурт, Фридрихсхафен, Хамбург, Минхен и Нинберг, сите управувани од Виз ер.

Скопскиот аеродром Александар Велики нуди директни линии до 33 дестинации, а заедно со охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, Македонија во моментов има авионска врска со вкупно 35 дестинации.

Од ТАВ Македонија информираат дека првите девет месеци од 2016 година ги завршиле со 17 проценти повеќе патници превезени на двата македонски аеродрома – Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, споредено со истиот период минатата година, достигнувајќи вкупно 1.382.714 патници. Во истиот временски период, од јануари до септември 2016 година, бројката на полетувања и слетувања на двата аеродрома во Македонија е зголемена за 11 отсто на вкупно 13.009 летови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top