| четврток, 6 декември 2018 |

Началникот на АРМ се чувствува како да е во НАТО

koteski

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески, вчера во белгиски Монс-Шејп учествуваше на официјалната церемонија за примопредавање на должноста командант на Врховната команда на силите на НАТО во Европа (САЦЕУР) меѓу досегашниот командант, адмиралот Џејмс Ставридис и генералот Филип Бридлав, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Во главната команда за операции на алијансата, каде што македонската армија е претставена со своја канцеларија за врски, Котески заедно со другите началници на армиите на земјите што се членки и на партнерите на НАТО ја проследи церемонијата на која досегашниот командант Ставридис, поради заминувањето в пензија, ја предаде палката на предводникот на воздухопловните сили на САД во Европа.

На оваа церемонија, генералниот секретар на алијансата, Андерс Фог Расмусен посочи дека главни цели на најголемата воено-политичка организација на светот ќе бидат трансформацијата на командите во НАТО и продолжување и успешно завршување на мировните мисии, особено во Авганистан, по 2014 година.

Генерал-мајор Котески денеска ќе биде дел од мајската сесија на состаноци на Воениот комитет на НАТО во повеќе формати. Главни дебати се очекуваат за ангажманот на алијансата во Авганистан, каде што Македонија ќе се потпре на нашата политичка определба дека до крајот на 2014 година со сигурност остануваме таму, а потоа и во однос на националните интереси на нашата земја и побарувањата на НАТО. Исто така, на овие состаноци ќе се разговара и за ангажманот на алијансата во Косово.

Во моментов, во Авганистан АРМ во сегашниот состав е сочинета од една механизирана пешадиска чета од 160 лица, а по 2014 година, мисијата ќе ја смени својата улога и ќе прерасне во мисија за обука, менторство и асистенција на авганистанските безбедносни сили.

Во изјава за МИА од седиштето на алијансата, првиот човек на македонската армија порачува дека нашата земја ќе продолжи да ја создава воената сила според стандардите на НАТО, а во насока на изградба на оперативните капацитети и способности да продолжи со поддршката на идните мисии на алијансата.

– Има покана и разговори за идно заедничко учество на нашата армија со членки на НАТО и таа покана и желба се базира исклучително на довербата што припадниците на АРМ ја здобија во досегашните мисии. Овде во Брисел, чувството е дека македонската армија повеќе не личи само на армија од земја-партнер, туку на вистинска полноправна членка на НАТО, порачува генерал-мајор Котески од седиштето на алијансата.

По денешната сесија во седиштето на НАТО, началникот на Генералштабот на АРМ продолжува со официјална посета на Осло (Кралство Норвешка), каде што првпат во 22-годишната македонска воена историја еден НГШ од нашата земја, на покана на свој колега на челот на норвешката армија, ќе ги посети вооружените сили на оваа скандинавска земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top