Титулата вицешампион на Европа со која се закитија минатата сезона во Евролигата на Перо Антиќ и ’компанија’ не им е доволна. Фенербахче, предводена од македонскиот интернационалец забележа нов триумф во елитното кошаркарско клупско натпреварување на Стариот континент, овој пат против Жалгирис Каунас со 82-68 (28-24, 16-13, 19-19, 19-12)
Македонскиот интернационалец ја доби довербата на ’докторот’ Жељко Обрадовиќ да го стартува натпреварот. Одлуката на трофејниот стратег се покажа како одлична со оглед на тоа дека токму поранешниот капитен на сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија беше играчот кој му го донесе првото водство на турскиот гигант во третат минута (10-8). Од таму, сè што кошаркарите на Фенербахче упатуваа кон противничкиот обрач лесно завршуваше низ мрежата. Па така по 20 минути игра домашниот состав имаше седум поени предност (44-37) кои беа доволни за триумф над противникот од Литванија. Разликата до крајоt стана и двојно поголема (74-59), а потоа кошаркарите од Литванија ја намалија на конечни 82-68.
Перо Антиќ одигра само 12 минути на натпреварот за кои постигна 11 поени (0/2 за два поени, 3/5 за три поени, 2/2 за еден поен). Следна потенцијална ’жртва’ на Фенербахче е Галатасарај со кој ќе се пресмета за два дена (28. октомври).
Кошаркарите на Црвена Звезда стигнаа до втората последователна победа во Евролигата, откако пред повеќе од 18.000 гледачи во „Комбанк арена“ во Белград ја совладаа фаворизираната Барселона со 76-65. Во фантастична атмосфера, бодрени од своите навивачи, „црвено-белите“ одиграа одличен натпревар и благодарејќи пред се на цврстата одбрана остварија значаен триумф.
Барселона подобро го почна натпреварот и поведе со 16-9 по првиот период, но вистинска експлозија домашните почувствуваа во втората четвртина, која ја добија со 31-15. На полувреме заминаа со девет поени предност (40-31). До крајот не дозволија Барселона да возврати и успеаја да слават.
Марко Гудуриќ со 21 поени и Марко Симоновиќ со 13 поени беа предводници во составот на Црвена Звезда, додека Бред Олесон со 15 кошеви беше најефикасен кај гостите.
Во последните два меча од третото коло во новата сезона на Евролигата Панатанеикос на гостински терен славеше минимална победа над Бамберг од 84-83, а Макаби се намачи со Галатасарај и по целосен пресврт успеа во Тел Авив да го запише и првиот труимф оваа сезона со победата од 98-92.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.