Со натпреварот помеѓу актуелниот шампион Кливленд Кавалирс и Њујорк Никс вечерва ќе започне 71. по ред НБА сезона. Покрај овој меч вечерва на програмата се уште две средби и тоа Јута против Портланд и во дербито на Западот, екипата на Голден Стејт го пречекува Сан Антонио.
Актуелниот шампион Кливленд ќе ја брани титулата два часа по полноќ по македонско време, а половина час претходно свечено ќе им бидат доделени шампионските прстени за освоената круна од минатата сезона.
„Коњаницата” во речиси истиот состав ќе се обиде да ја одбрани титулата, откако во финалето беа подобри од Голден стејт во серијата до четири победи, по што ја освои втората титула и прва по цели 52 години. Иако имаа негатива од 3:1 во победи, сепак со серија од 3:0 го направија вистинскиот подвиг минатата сезона, а во истото веруваат и годинава.
Според очекувањата на сите љубители на НБА кошарката, а и според коефициентите на обложувалниците, секое финале освен она што го гледавме изминатите две сезони би било изненадување. Кливленд скоро и да нема конкуренција во Источната конференција, па се очекува нова „прошетка“ на Леброн Џејмс и другарите.
Екипи, кои би можеле да му парираат на шампионот и барем да понудат пристојна борба се Бостон Селтикс, Индијана Пејсерс и секогаш незгодниот Торонто Репторс. Кавалирси го задржаа скоро истиот ростер од минатата сезона, плус поранешниот соиграч на Џејмс од деновите во Мајами, Крис Андерсен.
Но, истото не го мислат и „воините”, кои годинава по многумина го имаат најмоќното трио во историјата на најсилната кошаркарска лига. Во летниот преоден рок на Стеф Кари и Клеј Томпсон, им се придружи и еден од најдобрите кошаркари во лигата, Кевин Дурент. Според многу стручњаци оваа тројка потсетува на златната генерација на Чикаго од пред две ипол децении, која изобилуваше со мега ѕвезди. Особено покажува фактот што Кари и Дурент на последниот натпревар во предсезонската лига постигнаа 63 поени и дури 13 тројки.
„Воините” првиот натпревар го играат во четири часот и триесет минути по полноќ, а за противник ќе ја имаат екипата на Сан Антонио. Половина час претходно ќе стартува и дуелот помеѓу Портланд и Јута.
Тренерот на Голден стејт, Стив Кер се надева дека новата сезона ќе биде потполно поразлична во однос на минатата.
Сметам дека оваа е многу поразлична сезона со раличен пристап и секако многу поекспериментална во однос на минатата, кога бевме готов производ уште по првиот натпревар. Ги имав истите имиња во составот кои ја освоија круната од пред две години. Што се однесува до оваа, навивачите не би требале да се концентрираат на тоа колку победи ќе оствариме, туку колку ќе изгледаме поразлично од првиот месец, до следниот и така натаму до крајот на сезоната, изјави Кер.
На другата страна, на Западот има поголема конкуренција, но со трансферот на Кевин Дурант во Голден Стејт, таа скоро и да падна во вода. Вориорси направија супер-тим, кој тешко дека ќе дозволи да биде изненаден во серија на четири добиени натревари. Единствената слабост кај вицешампионот, ако може да се нарече така, е играта на центарската позиција и скокот во одбраната, па тоа би требало да биде единствената шанса кај противниците.
Сан Антонио остана без Тим Данкан, кој после 20 сезони кажа крај и замина во пензија. На неговото место стигна уште еден ветеран, Пау Гасол, кој се пресели од екипата на Чикаго. Заедно со Ленард, Џинобили и секогаш мотивираниот Грег Попович, Спарси би можеле да бидат екипата, која би им правела најмногу проблеми на Кари и дружината. Тука се и ЛА Клиперси, Далас и Оклахома Сити, која иако без Дурант и Ибака, би можела да биде проблематична за ривалите во плеј-офот.
Пред нас се вкупно 1.230 натпревари од регуларниот дел од сезоната, кој завршува на 12. април. Плеј-офот започнува три дена подоцна, на 15. април, а шампионот ќе го дознаеме во големото финале, кое најдоцна ќе заврши на 18 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.