Македонскиот претставник на светскиот Мајкрософт Офис шампионат во Орландо, средношколецот Марко Марковиќ, освои деветто место во „Microsoft Power Point 2013“. На светското финале учествуваа 120 натпреварувачи, а седуманесетгодишниот Марко ја претставуваше Македонија по победата на националниот „Microsoft Office Specialist“ предизвик, што се одржа во мај годинава во организација на Сертиадрија.
– На натпреварот се бараше да се покаже знаењето колку обемно се знае програмата, со тоа што ни беа дадени најразлични задачи кои подоцна беа прегледани дали се точно извршени и со тоа се добиваа бодови и се оценуваа местата, изјави Марковиќ, кој е ученик во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“.
Негов ментор за натпреварот беше наставникот Жаклина Прекиќ.
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска му честиташе на Марковиќ за, како што потенцира, рангирањето меѓу најдобрите десет во светот од 700.000 учесници на националните натпревари.
– Ова покажува дека Република Македонија има свои играчи во дрим тимот на најдобрите светски програмери и Мајкрософт специјалисти, со оглед дека Мајкрософт е една од најголемата информатичка компанија во светот. Ова доволно говори за податокот дека навистина посветуваме сериозно внимание и даваме голем придонес како држава во развојот на младите информатичари, изјави Арсовска Томовска, потенцирајќи дека информатиката е најнаградувана научна дисциплина од државава.
Во финалето на националниот натпревар во Македонија имаше 40 учесници од над 1.000 пријавени кандидати кои се натпреваруваа во тестови по свој избор, Word, Excel, PowerPoint, а за победа покрај точните резултати се земаше предвид и потребното време за комплетирање на тестот.
Од Сертиадрија најавија дека и годинава ќе организираат Мајкрософт Офис шампионат чие отворање е најавено на Mајкрософт конференцијата „Визија“ на 16 ноември. Целта е да се зголеми нивото на дигитална писменост и подготовка на младите да одговорат на потребите на бизнисот.
– Тргнавме од фактот дека младите што доаѓаат, на возраста од околу 25 години, се повеќе ќе бидат невработени, од причина што многу лесно ја користат ИТ технологијата во своето секојдневние, но за користење на апликациите Word Excel, PowerPoint за бизнис цели не секогаш имаат доволно познавање, изјави Валентина Тасевска, претставник на Сертиадрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Под засилени безбедносни мерки и само со покани утрешниот ракометен натпревар меѓу Грција и Македонија
-
И Мик Џегер го следеше натпреварот меѓу Хрватска и Англија (видео)
-
Триумф на македонските хорови: „Менада“освои второ место во Белгија, „Гортинија“ со „Мама миа“ настапи во Солун
-
Пијанистот Арда Мустафаоглу освои прво место на интернационален натпревар, следуваат концерти во Атина, Софија и Париз