| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивалот на европската литература „BookStar“ отворен со промоција на книга од Маренте де Мор

Со актерски перформанс, промоција на книгата „Холандска девица“ и настап на „The Hounds“ вчеравечер во Јавна соба и официјално беше отворено второто издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“, кој ќе трае од 24 октомври до 11 ноември 2016 година.

 Вечерта започна со кус перформанс на студенти од Факултетот за драмски уметности, кои преку актерска игра се обидоа да дадат резиме на книгата што се промовираше, по што следуваше и обраќањето на Жарко Кујунџиски, директорот на фестивалот.

 – Велат дека секој почеток е тежок, но ние од нашиот тим не мислиме така, веројатно бидејќи имаме ваква прекрасна публика како вас. Овој фестивал беше основан, а се надевам и дека ќе продолжи да постои, за да ја зголемиме и продлабочиме културната соработка меѓу европските земји и Македонија. Нашата желба е да ги донесеме најголемите ѕвезди на книжевното небо што сјае над Европа, но во исто време да ги претставиме пред писателите во Европа и нашите автори – изјави во оваа пригода Кујунџиски.

 На отворањето на „BookStar“ 2016 беше промовирана книгата „Холандска девица“ од холандската писателка Маренте де Мор, добитничка на Европската награда за литература за 2014 година. Промотор на книгата беше македонскиот писател и литературен критичар Александар Прокопиев.

– Пред да ја почнеме читателската анализа, би сакал да прашам дали некој од вас воопшто прочитал книга од холандски автор. Јас би можел да ја кренам раката, но само затоа што сум прочитал еден и единствен холандски автор, а тоа е Маренте де Мор. Значи, тоа е една книга од еден автор од земја чиј јазик го зборуваат веројатно повеќе од триесет милиони луѓе и кој има голема книжевна традиција. А ако размислиме кои сè уметници од една друга сфера, на пример сликарството, доаѓаат од Холандија, тогаш ќе ви биде чудно зошто за таа литература толку малку знаеме – со овие зборови го започна своето излагање Прокопиев.

На промоцијата беа присутни и самата авторка Маренте де Мор, која прочита дел од својата книга на холандски јазик, како и преведувачката на романот, Ели Пујовска, која го опиша самиот процес на преведување на ова книжевно дело.

Вечерта беше затворена со одличниот музички настап на младиот прилепски бенд „The Hounds“.

Посебна атракција на вечерта беа „книжевното катче“, уредено во ретро-стил како своевидна писателска маса, како и „ѕвездениот ѕид“, на кој сите посетители имаа можност да остават пораки со зборови што ја содржат буквата Ѕ. Оваа акција е со цел да се сочува и поддржи македонскиот јазик. Тие ќе бидат поставени во Јавна соба во текот на сите фестивалски денови, отворени за сите оние што сакаат да ги остават своите пораки или едноставно да се фотографираат.

Следен настан во рамките на „BookStar“ е Креативното пладне, кое како дел од детската програма ќе се одржи на 26 октомври, со почеток во 12 часот, во Јавна соба, а на кое како децата така и нивните родители ќе научат како се изработуваат оригами и обележувачи за книги, настан отворен за сите деца и родители, за што упатуваме јавен повик до сите кои сакаат да присуствуваат.

Фестивалот „BookStar“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top