Во Собранието на Република Македонија денеска, по повод Денот на македонската револуционерна борба, беа врачени државните награди „23 Октомври“.
За остварување во областа на културата и уметноста наградата ја добија музичкиот уметник проф. д-р Драган Даутовски, актерот Ванчо Петрушевски и ликовниот уметник Реџаи Исени, додека за остварување во областа на науката и образованието, историчарот и филозоф Стефан Влахов и албанологот Агим Пољоска.
Од името на наградените, благодарност искажа актерот Петрушевски, нагласувајќи дека „23 Октомври“ е голем чест и дополнителен поттик за натамошна работа.
– Ми претставува голема чест што ја добив оваа награда, а убеден сум дека е чест за сите добитници и им ја честитам од срце. И покрај годините, ова ќе ни биде сепак еден голем поттик да продолжиме понатаму, рече Петрушевски.
Тој се бројува во редот на исклучителните актери кој на сите свои улоги им пристапува со препознатлив такт и леснотија. Многу генрации го препознаваат по ликот на Рамче кој не фрла сенка врз остатите ликови што ги игра во театарот. Петрушевски е еден од творците на серијата Македонски народни приказни и еден од првите Македонци што играле во странски филм. Неговите многубројни настапи на естрадата, радиото, филмот и телевизијата, неговиот талент, умешност и шарм го прават еден од најпопуларните ликови во земјата и пошироко.
Даутовски во текот на својата долгогодишна работа има остварено исклучителни резултати во полето на педагошката, научно-истражувачката, уметничката, концертната и издавачката дејност. Тој е неуморен афирматор на македонското културно-историско наследство и еден од најголемите промотори на нашата традиционална уметност.
Исени работел како наставник по ликовно воспитание во основното училиште во Матејче, Куманово, до неговот, пензионирање во 2000 година. Завршил Ликовна академија во Скопје, во класата на професорот Ванѓел Коџоман. Бил член на ДЛУМ, реализирал многу самостојни изложби, добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои и „Тутуноберачите“ во 1973 година и „11 Ноември“ во 1995 година, а во 2012 учествувал и на „Остен биенале“.
Творечкиот интерес на Влахов Мицов е насочен кон повеќе области. Тој е автор на многу студии и есеи. Неговите текстови не ги третираат историските настани на класичен начин, туку преку поинаков филозофски пристап. Во анализата на историските проблеми, Влахов Мицов секогаш ги вклучува и актуелниот општествено-политички момент, како и актуелните прашања.
Пољоска е редовен професор на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Покрај својата редовна работа, редовно бил вклучен и во педагошко-научни активности. Соработник е на неколку научно-истражувачки проекти од регионален и меѓународен карактер. Неговите трудови и студии, збогатени со богата лингвистичка интерпретација се цврста основа за проучуање на македонско-албанските јазични контакти.
Пред доделувањето на наградите се обрати академик Вера Битракова – Грозданова, нагласувајќи го значењето на денешниот празник.
– Тој претставува стожерна точка во обединувањето на националниот, интелектуалниот и слободарскиот дух на македонскиот народ, изблик на неговиот стремеж за себеподдржување, зачувување на неговата посебност и за негово севкупно издигнување, рече академик Битракова.
Внатрешната македонска револуционерна организација, додаде, е симбол на Македонците, нивен заштитен знак во борбата за слобода.
– ВМРО ќе ги постави вистинските насоки иако подоцна, пренасочувани од разните пропаганди, ќе доведат, за жал, најдоцна на балканските простори, формирање на македонската независна држава. Во оваа идеја ќе израснат бројни знамените личности на нашата историја кои ќе го распостелат вечниот стремеж за слобода и за формирање своја држава базирана на цивилизациски вредности, престиж на полета на науката и културата, соживотот и толеранцијата, подвлече академик Битракова.
По повод Денот на македонската револуционерна борба денеска делегации на Собранието на Република Македонија и на Владата, пратеници, претставници на Градот Скопје и Армијата на Република Македонија, положија цвеќе пред споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена борец“.
Градскиот дувачки оркестар, пак, одржа Парадно дефиле низ улиците на Скопје, од Музејот на Град Скопје, преку улицата Македонија, до градскиот плоштад
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Соопштени добитниците на наградата „Св. Климент Охридски“
-
Награди за есеј на тема „Визија за Скопје“ добија Кристина Шумадиева, Бојан Шашевски и Тања Сарандеска
-
Рускиот „Магичен свет“ на Катја Ветрова – добитник на наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“ на 9.Мобил филм фестивал
-
Михајло Куфојанис и Марија Ѓошевска ги добија наградите на Сојуз на музички уметници на Македонија