На 21 октомври на Саемот на книгата во Франкфурт, Германија, е предвиден Македонски ден на литературата за деца и ќе биде промовирана едицијата „Бајки од Македонија“. Катарина Николовска е илустраторката, чиешто идејно решение беше избрано за најдобро на јавниот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине“! Едицијата е составена од четири бајки, односно македонски волшебни приказни, кои претставуваат дел од нашата усна традиција. Овие приказни, собрани од Марко Цепенков и од Танас Вражиновски се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и приспособени на децата од предучилишна возраст. Николовска ги илустрираше приказните „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“. – Не можам да издвојам која ми е омилена бајка бидејќи, на некој начин, јас сум дел од нив – вели Николовска во интервју за „Република“.
Дали беше лесно да се илустрираат четирите бајки од Македонија?
НИКОЛОВСКА: Од моментот кога на прес-конференцијата ги видов моите илустрации испечатени во огромен формат, сфатив дека јас сум победникот на конкурсот „Бајки од Македонија“ што го организираше Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине! “. Во исто време, сфатив дека имам само два месеца за изработка на четирите бајки и бев во паника! Веднаш почнав со план за работа, на почетокот, нормално, ми беше тешко. Но, бидејќи го работев тоа што најмногу го сакам, ми стана една слатка рутина во која уживав. Работењето на бајките бараше голема посветеност бидејќи се работи за специфична група читатели – децата и нивните родители.
Каде ја најдовте инспирацијата за илустрирање на бајките?
НИКОЛОВСКА: Бајките сами по себе се инспирација. Нема дете, па и возрасен што не сака бајки. Тие нè носат во свет каде што и невозможното изгледа возможно и каде што ја оживуваме нашата имагинација. Со цртањето на бајките добив можност да го разбудам детето во мене и сликовито да ја претставам својата имагинација.
Денес кога сѐ ни е достапно и „сѐ ни е на тацна“ како е возможно да се задржи детското внимание?
НИКОЛОВСКА: Денес е сè потешко да се задржи вниманието на децата. Но, тоа е добро, бидејќи ни дава поттик повеќе да истражуваме, да експериментираме и да бидеме во тек со новите начини и со современите медиуми за тоа како да им го претставиме нашето дело и повеќе да го задржиме вниманието на децата.
Која од четирите бајки е Вашата омилена бајка?
НИКОЛОВСКА: Само една од бајките ја паметам од детството, другите ги прочитав за првпат кога се објави конкурсот. Не можам да издвојам која ми е омилена бајка бидејќи, на некој начин, јас сум дел од нив. Мислам дека за тоа треба да решат младите читатели.
Кои се Вашите омилени бајки од детството?
НИКОЛОВСКА: Пораснав со приказните на браќата Грим, тие се безвременски и ден-денес се инспирација за младите автори, а и мене ми се омилени.
Дали се ова Ваши први илустрации за книги? Што работите во моментов?
НИКОЛОВСКА: Автор/илустратор сум на осум сликовници, и тоа сите македонски. Моментно последната на која работам сè уште не е издадена и за неа се подготвува цртан филм, игра и сликовница во дигитална и во интерактивна верзија за таблет.
Кои се Вашите планови за иднината?
НИКОЛОВСКА: Еве ќе ви откријам. Со издавачката куќа „Арс ламина“ подготвуваме нова едиција сликовници, односно македонски басни. Адаптацијата на текстот е на Билјана Црвенковска, а партнери на проектот се „Браво сине!“. Едицијата е составена од четири басни и ќе биде издадена во 2017 година.
Дали бајките се добра подлога за децата да ја засакаат книгата и пишаниот збор? Колку во тоа помага и илустрацијата?
НИКОЛОВСКА: Кога децата избираат книга, илустрацијата е тоа што прво го забележуваат. Но, ако приказната е добра, без разлика на медиумот, на децата ќе им го привлече вниманието и ќе реагираат на неа.
Бајките ќе бидат промовирани на еден од најголемите саеми за книга, тој во Франкфурт. Што очекувате од промоцијата?
НИКОЛОВСКА: Многу се радувам што „Бајките од Македонија“ се преведени на англиски јазик и ќе бидат претставени надвор од Македонија – на најголемиот саем на книгата.
Саемот на книгата во Франкфурт е одлично место за промоција на македонските сликовници. Очекувам позитивни реакции од странските читатели и голема афирмација на македонските бајки.
Бугариска: На посетителите во Франкфурт ќе им понудиме поинакво доживување од Македонија
Комесари на годинашното претставување на најголемиот европски Саем на книги во Франкфурт, Германија, се издавачките куќи „Арс ламина“, „Култура“ и „Три“ од Асоцијацијата на македонски издавачи со поддршка на Министерството за култура. На македонскиот штанд на саемот од 19 до 23 октомври ќе бидат претставени повеќе од 500 вредни книги на повеќе од 100 македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија. Пред посетителите на саемот ќе бидат изложени и капиталните едиции „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик како и „Антологискиот приказ на едицијата на македонска книжевност“ на германски јазик, во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“. Бранка Бугариска, директорка на издавачката куќа „Арс ламина – публикации“ вели дека годинава на посетителите во Франкфурт ќе се обидат да им понудат поинакво доживување од Македонија.
Како ќе биде претставена македонската литература на Саемот на книгата во Франкфурт?
БУГАРИСКА: Македонската литература ќе биде претставена на македонскиот промотивен штанд, сместен во петтата хала на франкфуртскиот саем, која традиционално е наменета за меѓународни учесници. На штандот ќе бидат претставени 500 наслови од стотина македонски автори, меѓу кои и „130 тома македонска книжевност“ преведени на англиски јазик како и „Антологија на македонската литература“ преведена на германски јазик. На штандот секој ден ќе има разни содржини и настани. Првите денови од саемот се резервирани за билатерални средби на македонските издавачи и автори со нивните странски партнери и други странски издавачи, за што штандот предвиде посебни услови. Македонската книжевност ќе се претстави и преку трибина, на која домашните автори ќе говорат за нивната инспирација, доближувањето на вкусот на современиот светски читател, искуствата и пробивањето на меѓународната книжевна сцена, итн. Како дел од промотивните активности, на штандот ќе биде претставен и најобемниот Голем германско-македонски речник во четири тома на авторите Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер, а еден ден ќе биде посветен и на претставување на македонската литература за деца. Во текот на сите овие активности, ќе биде промовиран и фондот на Министерството за култура за превод на македонска литература на странски јазици. Подготвен е и каталог што претставува околу триесет македонски автори и нивното творештво.
Дали е планирано учество на писатели на Саемот?
БУГАРИСКА: Оваа година гости писатели на саемот во Франкфурт ќе бидат академик Влада Урошевиќ, еден од најзначајните претставници на македонскиот модернизам: поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач, и Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски, како претставници на помладата генерација македонски автори, кои се веќе преведувани на повеќе странски јазици. Гоце Смилевски е добитник на повеќе европски награди, кои сведочат за неговиот успех, а младиот автор Ненад Јолдевски е добитник на годинашната награда за литература на Европската унија. Урошевиќ, Смилевски и Јолдевски ќе бидат учесници на трибината и ќе остварат средби со неколку странски издавачи.
Дали оваа година ќе има „македонски ден“?
БУГАРИСКА: Годинава ќе се обидеме на посетителите во Франкфурт да им понудиме поинакво доживување од Македонија. Популарно наречениот „македонскиот ден“ ќе се одржи во сабота, на 22 октомври. Македонската книжевност ќе се претстави преку трибината под мотото „Созвучја“, на која ќе говорат авторите-гости, како и претставници од Македонската асоцијација на издавачи. Инспирирани од песната „Созвучја“ на Шарл Бодлер во која во еден стих се вели „…човекот низ шума од симболи е патник…“ („…man passes there through forests of symbols…”), македонската литература и култура, а воедно и македонската издавачка дејност, ќе бидат претставени токму преку специфични симболи. По трибината, посетителите ќе може да уживаат и во македонски вина и деликатеси, како и во традиционална македонска музика во класичен аранжман, а во изведба на нашиот гитарист Дарко Багески. На настанот се поканети издавачки куќи, литературни агенти и професионалци што учествуваат на саемот, а ќе бидат присутни и претставници од Министерството за култура на РМ, како и Македонци што живеат и работат во земјата.
На 21 октомври е закажана промоцијата на книги за деца „Бајки од Македонија“. Кој сè ќе биде поканет од издавачите?
БУГАРИСКА: Сметавме дека е потребно да ја „освежиме“ понудата на македонската книжевност што вообичаено се претставува пред странските издавачи на саемските изложби, па посветивме посебен дел и на македонската литература за деца. Така во рамките на Македонскиот ден на литературата за деца, покрај другите изданија ќе ги претставиме и сликовниците за деца од едицијата „Бајки од Македонија“, адаптирани на модерен јазик, со модерни илустрации и приспособени на децата од предучилишна возраст. Ги поканивме сите издавачи на детска литература, кои се регистрирани како учесници или посетители на саемот во Франкфурт. Некои од нив веќе потврдија присуство и изразија интерес за настанот и за македонската литература за деца, па сме оптимисти дека од овие средби ќе произлезе соработка со странски издавачи и дека нашите напори ќе родат плод.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 216. број на неделникот Република, 21.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.