Најмалку седум лица се повредени во силниот земјотрес кој денеска ја стресе западна Јапонија, при што во погоденото подрачје дошло до прекин на електричната енергија, а забележена е и помала материјална штета на некои згради, соопштија локалните власти.
Јапонскиот сеизмички завод соопшти дека земјотрес со јачина од 6,6 по Рихтеровата скала ја погоди префектирата Тотори, околу 700 километри западно од Токио.
Епицентарот е на длабочина од 11 километри, а таквите плитки потреси можат да предизвикаат поголема материјална штета од оние подлабоките, иако се чини дека денешниот земјотрес во западниот дел од Јапонија предизвика помала штета.
Се урнале најмалку две куќи, а телевизиските снимки покажуваат дека на некои згради им се оштетени покривите. Се урнал ѕид од една работилница за производство на саке, а во продавниците попаѓале шишиња вино и прехранбени артикли од полиците на подот.
Јапонската државна телевизија НХК објави дека една жена е повредена додека готвела во ресторан, па се здобила со изгореници од врелото масло.
Земјотресот предизвика привремен прекин на струјата во околу 32.000 домаќинства.
Јапонските власти предупредуваат дека нема опасност од цунами.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.