| четврток, 6 декември 2018 |

Стотици граѓани без парно – не платиле сметки за струја

Стотици граѓани во моментов ѕемнат во своите домови оти потстаниците за парно им се надвор од функција поради неплатени сметки за струја. А само мал дел на немањето соодветна топлина во домовите се должи на долгите санирање на ситните дефекти. Според „Балкан енерџи груп“ сите дефекти што биле констатирани во нивниот дел од приказната се веќе санирани, но оти тие сѐ уште не можат да достават парно во 25 згради чии потстаници се исклучени од струја. А тоа било во надлежност на куќните совети. Како и да е, луѓе среде грејна сезона се заложници на несовесни соседи, неплатена струја од страна на куќните совети или тековни дефекти, а уредно си ги плаќале сметките, пишува Нова Македонија.

Според граѓаните парно се исклучува насекаде низ главниот град, па така случаи на „ладни згради“ има во Карпош, Маџари, Тафталиџе, Аеродром, Кисела Вода, Ново Лисиче како и во Центар..

Од „Балкан енерџи груп“ велат дека уште од август почнале со редовни контроли на системот за да се откријат евентуалните дефекти.

– Во согласност со важечките одредби, испораката на парно се врши целата грејна сезона ако се исполнети техничките предуслови за функционирање на системот. Уште од август беа извршени контроли и корисниците беа известени за потребните интервенции што треба да ги преземат. Внатрешната инсталација и нејзиното одржување е во надлежност на сопствениците на становите, додека потстаниците се во надлежност на куќните совети. Сите тие беа навремено известени да ги отстранат проблемите со внатрешната инсталација. Токму оттука најчесто се јавува течењето вода од системот – велат од БЕГ.

Тие дополнуваат дека проблемите се најизразени во оние згради каде што топлинските потстаници не се во функција, оти немаат струја. Бројот на ваквите згради во моментов изнесува дваесет и пет. Според нив, немањето електрична енергија е причина број еден за неможноста да се дистрибуира топлинска енергија. Во одредени случаи, според нивните кажувања е поради дефект во главната табла на објектот или, пак, неплатен долг кон ЕВН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top