Аирлија избори! Што се однесува до граѓаните, тие уште сега може да излезат да гласаат. На граѓаните не им треба предизборен период. Тие немаат потреба од период за кампања за овие предвремени избори. Кампањата во Македонија и онака трае цела година; втора година со оваа долготрајна политичка криза.
Овој официјален трет предизборен период нема да донесе никаква промена во определбата на граѓаните. Политиката е јасна, намерите се искажани, ставовите се изградени. За волја на вистината, овој пат, оваа трета предизборна „мајка“ во земјава, ставот на гласачот дури е и најјасно оформен. Пред граѓаните, од една страна, е опција која нуди континуитет, а, од друга страна, се нуди експеримент за комплетно редефинирање на државата. Тоа редефинирање, јасно и гласно неколкупати повторено лично од опозицискиот лидер Зоран Заев, само ги претвори овие парламентарни избори во референдум за тоа во каква држава сакаат да живеат граѓаните. И тоа (ќе) е главниот момент на овие избори. Токму и со таква конотација претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го почна обраќањето на големиот собир, каде што посочи дека „по овие две години мислам дека на секој од вас му е повеќе од јасно значењето на овие избори“.
– Дојде времето за избори и дојде времето да го слушнат гласот на народот! Гласот кој долго време го игнорираа! Го потценија! Го исмеваа! Народот, кој памети, е мудар и добро знае што е што, што точно се случуваше и која е крајната цел! Единаесетти декември е денот кога нашите граѓани ќе покажат дека Македонија има политичка зрелост и капацитет да процени, да оцени, да награди, но и да казни. Да ги награди тие што искрено работат за татковината, но и да ги казни оние во чијшто ум не постои искрена мисла за Македонија, оние кои со години мислат и коваат црни планови како да ја уништуваат државата. Е тоа кај овој народ не им минува… сите ние заедно нема да дозволиме филмот на заевци и верушевци да стане реалност – повика Груевски.
Долгата и болна политичка криза навлезе во сите пори на општеството и затоа моментот на самораспушањето на Собранието, проследен, секако, со дневнополитички игри од опозицијата, во јавноста беше дочекан со олеснување. Конечно, надвор од рамките за затворените поддржувачки клубови на интернет, опозицијата си ја измери силата пред гласачите.
Тоа што аналитичарите постојано го нагласуваа, а опозицијата упорно не го прифаќаше, е дека кризата, на крајот, мора да има демократско решение – на избори. Идејата за насилно уривање на власт, како што посакуваа во опозицијата, беше осудена од јавноста. Црната кампања, проследена со насилни протести во кои во еден момент настрадаа дури 40 полицајци, им се удри од глава на идеолозите за такво сценарио.
Сега опозицијата во овие избори влегува дури и со разнишани темели. Се урнаа митовите за местење и злоупотреба на изборните процеси, се урна митот за медиумските фаворизирања. Се урна и митот дека СЈО за кратко време „ќе го затвори ВМРО поради голем криминал“. Ако на сето тоа се додадат и однесувањата на актуелните опозициски функционери во двата тест-периоди, со двете одложувања на изборниот процес, со нивниот начинот на практикување на насила добиената власт, врските со криминалните структури и злоупотребата на СЈО и, секако, најавите за менување на државата во целост лично од лидерот Зоран Заев, јавноста ја комплетира сликата дека опозицијата предводена од ова раководство го нема потребниот капацитет за демократија и капацитет за водење на државата.
Во таква атмосфера СДСМ повторно се најде во предизборен период. Само што овој пат Зоран Заев на своите компањони не им остави простор за бегство. Условите што ги поставуваше се исполнети и тоа самиот го потврди. Неговите претставници во Собранието гласаа за избори. Самиот потврди дека Избирачкиот список е чист и дека медиумите не се виновни за неговите порази. Медиумите, тие што Заев си ги прогласи за непријатели, сега и да сакаат нема да можат да го сменат односот на гласачите кон Заев.
Од аспект, пак, на политичката борба, со идеите за редефинирање на државата со воведување двојазичност и залагањата СДСМ да се претвори во најголема партија на Албанците во Македонија, Заев отвори премногу широк фронт пред СДСМ во овој кус период за кампања да смени нешто во своја полза. Против себе ги има двете најголеми партии на Албанците во Македонија, од чијшто изборен колач сака да земе дел (секако служејќи се и со „бомбите“ кои ги раздели на црниот пазар), како и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои се носители на тоа што се нарекува стожер за зачувување на националните интереси, пред сѐ зачувување на унитарниот карактер на државата и зачувување на македонскиот народ со неговата културна посебност. Со толкав широк фронт во овој кус период пред предвремените избори СДСМ само може да загуби дополнително.
Сето тоа го знаат и во СДСМ. Добро ги знаат и анализите по анкетните резултати кои покажуваат тонење во нови четири опозициски години. Знаат и дека изборните резултати потоа ќе предизвикаат цепење внатре во опозицијата и најмногу во СДСМ. Не смее да се заборави и дека дополнителен проблем потоа ќе бидат локалните избори. Раководството ќе има многу за објаснување пред членството, кое неминовно ќе бара одговорност. И токму затоа, наместо кон кампања за изборите, уште од сега раководството на СДСМ спасот го гледа во ново продолжение на кризата. На тој момент предупреди Груевски.
– Опозицијата слушам дека се надевала дека иако изгуби, значи свесни биле дека ќе изгубат, ќе формирале влада со останатите партии. Каков лузерски пристап е тоа. И затоа нивниот лидер ветува двојазичност, брза промена на името, верувам дека нема ни да преговара човекот, туку ќе биде „дај што ќе дадеш” и слично. Комплетно редефинирање на македонската држава. Значи човекот ветува нова држава, некоја нова Македонија. Инаку, и за тоа веќе лобирале кај странците. Која е поентата на изборите ако е тоа така; Победил – изгубил да бидеш на власт… Јас ќе им порачам на сите што сакаат на нечесен начин, со интриги, манипулации и замајувања да дојдат на власт, дека не само што нема да ја остварат целта, не само што убедливо ќе изгубат на следните избори, туку, колку повеќе се обидуваат на вакви начини, со злоупотреби на институции во партиски цели да дојдат на власт, толку поголема ќе биде победата на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија – порача Груевски од собирот.
По сиот период што ги надминуваше и виткаше параметрите на она што означува демократски процес, општа е волјата за одржување фер и демократски избори. И фер признаен пораз. Ако од секоја криза треба да се изведе поука и да се научи лекција, овие избори би требало да означат и потреба од еден нов опозициски демократски капацитет кој ќе има сили, конечно, да расчисти со шпионските игри. Тоа што и покрај сите сличности јавноста ја сопре интенцијата да се повтори 2001 година, покажува дека е време за „слобода и демократија“ во СДСМ.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 216. број на неделникот „Република“, 21.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.