Во новиот број на неделникот „Република“, кој е во продажба од утре, 21.10.2016 година, ќе читате:
Народот ќе ѝ стави крај на деструкцијата
63 пратеници за сигурна Македонија
Очекувано и многу провидно, со оглед на фактот дека опозицијата нема разработени проекти и развојни планови со кои би ги придобиле гласачите, во текот на изборната кампања јазот од 200.000 гласови ќе го надоместува преку Катица Јанева со засилување на хајката против раководството на ВМРО-ДПМНЕ, со лов на албанските гласови ветувајќи двојазичност и федерализација, како и со купување на поддршката на Соросовите платеници гарантирајќи функции и пратенички места на изборните листи. Во исто време, десниот опозициски блок ќе има задача да „украде“ што е можно повеќе вмровски гласови и така некако опозицијата да се приближат на минус 100.000 гласови. Со други зборови, СДСМ нема да оди на победа, туку ќе игра на карта што е можно помал пораз за по секоја цена да влезе во новата влада, која би била широка или малцинска.
Колумна, Горан Момироски
Постизборна широка коалиција – најбрзиот пат до долга нестабилност
Идејата за широка коалиција, која треба да се формира по изборите, за која отворено зборуваат и македонската опозиција и странските дипломати, е најбрзиот начин Македонија да дојде до долгорочна нестабилност од која земјата нема да се поврати со години. Искуствата од други земји во соседството и во Европа покажува дека широките коалиции не се штетни само за големите политички партии, туку се штетни и за политичкиот систем во кој ниедна партија не може да ја задржи енергијата, поддршката и моќта да ги спроведува реформите.
Интервју: Мане Јаковлевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ
Нема маж што може да го растури ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО е повеќе од партија, ВМРО е идеологија, ВМРО е бранител – беше и така мора да продолжи. Затоа, ние, основачите, ветераните на ВМРО-ДПМНЕ порачавме: Претседателот Никола да продолжи храбро да ги води ВМРО-ДПМНЕ и Владата во нашата држава. А, самопрогласените спасувачи да не се играат со Македонија и со ВМРО-ДПМНЕ. „Подалеку од партијата за да не се изгорите“. Никој не ги повикал да ја спасуваат ВМРО. Од 1990 година до денес, СДСМ само еднаш беше победник на непосредни избори и, освен интриги, старото раководство не покажа никакви квалитети додека беше на власт. Напротив, оваа партија носи вина за лошата транзиција во која над 200.000 луѓе останаа без работа, потоа за дадените македонски државјанства на 150.000 Косовци во Македонија, со што се промени етничката структура, за несреќната референца БЈРМ, за промена на знамето, за лошата територијална поделба и за што ли уште не. Со своето недржавничко однесување, тие цело време ја загрозуваа стабилноста на Македонија. Денешното раководство на СДСМ покажува дека не извлекло поуки од минатото. По повеќекратните порази на локалните, претседателските и на парламентарните избори, наместо да дојде до промени на политиките кои ги бара новото време, а тоа значи остварливи програми кои ќе го приближат до народот, тоа сѐ уште се служи со старите методи на интриги, уцени, закани, заплашување на јавноста со војни, немири и дестабилизација на државата, вели Мане Јаковлевски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за новиот број на Република.
Конечно, избори
Почеток на крајот на кризата
Овој официјален трет предизборен период нема да донесе никаква промена во определбата на граѓаните. Политиката е јасна, намерите се искажани, ставовите се изградени. За волја на вистината, овој пат, оваа трета предизборна „мајка“ во земјава, ставот на гласачот дури е и најјасно оформен. Пред граѓаните, од една страна, е опција која нуди континуитет, а, од друга страна, се нуди експеримент за комплетно редефинирање на државата. Тоа редефинирање, јасно и гласно неколкупати повторено лично од опозицискиот лидер Зоран Заев, само ги претвори овие парламентарни избори во референдум за тоа во каква држава сакаат да живеат граѓаните. И тоа (ќе) е главниот момент на овие избори. Токму и со таква конотација претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го почна обраќањето на големиот собир, каде што посочи дека „по овие две години мислам дека на секој од вас му е повеќе од јасно значењето на овие избори“.
Колумна, Никола Србов
Милчин го воскреснува „ванчомихајловизмот“ со удбашки манипулации
Во последната колумна почитуваниот Милчин изнел фрагменти од последното интервју на Ванчо Михајлов, но го пропушта клучното за ова интервју, а тоа е, кој го направил интервјуто, по чија наредба, за какви цели и зошто не било веднаш објавено во Македонија? Во јануари 1990 година Ванчо Михајлов на писмено му испратил одговори на новинарот Вишински, а подоцна следувала и средба меѓу нив двајца.
За да не го правам истото што го прави почитуваниот, јас ќе приложам документи. Број на лично досие 7.860. „Во април 1990 година соработникот ’Стручњак‘ преку бугарскиот архимандрит во Ватикан, Ѓорѓи Елдаров, и со гаранција на директорот на Радио Ватикан, остварил средба со емигрантот Ванчо Михајлов во неговиот стан во Рим, со кого разговарале за актуелните настани во Југославија и во СР Македонија…“. Притоа „Стручњак“ на службениците од СДБ им пренел: „Со Ванчо Михајлов се сретнав во Рим, во неговиот апартман, на 7 април 1990 година. На средбата беа и Вида Боева и Антон Попов“. Почитуван Милчин, ова е, всушност, средбата по интервјуто за кое вие пишувате и манипулирате. Ваша должност кон читателите е да им кажете дека Вишински заминал во Рим со знаење на безбедносните служби со цел да се добијат нови сознанија за „Илегални“ – Ванчо Михајлов, и за „Центарот на Илегални“ – станот каде што живеел Ванчо Михајлов, кој, патем, бил скициран од страна на УДБ, која знаела каде стои и најмалата ваза во станот.
Зошто манипулирате со интервју што не е целосно објавено?
Колумна, Ацо Станковски
Слонови
Во циничната англосаксонска култура на шегобијство, слонот станал симбол на тромавост и на глупавост. Изреката – како слон во порцеланска продавница, е токму произлезена од ова безмилосно хумористично милје.
Но, сето тоа неодоливо нѐ потсетува на нашата опозиција, мислам на изреката – која недвојбено упатува на целата тромавост со која таа успеа да ги измести општествените хиерархии и хармонии, нарушувајќи го поредокот и создавајќи кризен амбиент, непријатен за сите. Секако, со сесрдна помош на таканаречениот „меѓународен фактор“, во улога на махут – или дресер на слонови. Слонови со издолжени и крајно нестабилни нозе, како тие што Салвадор Дали ги наслика како израз на својата поетизирана халуцинација, при која неможното станува можно, а вообичаеното чудовишно.
Фељтон: Црните страници на УДБА
Том III – Помалку познати судбини
Третиот том од едицијата „Црните страници на УДБА“ содржи лица со разни профили, прогонувани, следени и осудувани поради размислување различно од системот. Насловен е како „Помалку познати судбини“, а во него се сместени 20 досиеја на 790 страници кои покажуваат како тајната служба ги следела сметајќи ги за луѓе кои вршат непријателска дејност кон системот.
Еден од поинтересните случаи е досието на Владимир Паунковски, во кое може да се види дека инсталациите на УДБА функционирале и во 2000 година, десет години по осамостојувањето на државата. Досието потврдува дека службите дејствувале по старите методи и покрај формалното одвојување на Македонија од СФРЈ. Паунковски бил следен поради активности што ги спроведувал во рамките на политички екстремизам поради што му биле одземени патните исправи.
Двоглед
Клучот на истрагата на Јанева во скопската канализација
Двогледот на „Република“ по допрениот глас од профондацискиот портал „Нова“ ги истражи овие индиции и дојде до многу нови сознанија кои ја потврдуваат неофицијалната информација на „новајлиите“ – СЈО навистина ги истражува сендвичите пред Општина Центар и за таа цел има поведено темелна и детална истрага.
СЈО за да докаже дека сендвичите биле купени со државни пари, ќе треба да влезе во самото дебело црево на процесот. За таа цел Јанева и СЈО побараа од сите присутни на протестот пред Општина Центар да приложат остатоци од фецес со датум од 7 јуни 2013 година по 18 часот, до најдоцна 9 јуни 2013 година во 10 часот, широка временска рамка во која се претпоставува дека и оние со најтврда столица имале шанса да се олеснат.
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.