Во традиционалната годишна анкета, која ја прават генералните менаџери на НБА тимовите, Милош Теодосиќ е прогласен за далеку најдобар играч надвор од НБА лигата. Српскиот кошаркар освои дури половина од гласовите, односно 53,6 проценти по прашањето за тоа кој е најдобар играч во остатокот од лигите.
На втората позиција се пласира уште еден плејмејкер, а тоа е Серхио Љуљ со освоени 28,6 проценти од гласовите, додека како третопласиран е рангиран Нандо де Коло од ЦСКА Москва со 14,3 проценти. Минатата година за најдобар беше избран Хрватот Дарио Шариќ, кој од оваа сезона е дел од тимот на Филаделфија. Дали наредната година во НБА лигата ќе се пресели и Милош Теодосиќ, кој има договор со ЦСКА до крајот на сезоната останува да видиме во следниот период.
Од страна на менаџерите на НБА лигата беше прогласен и најдобар странец кој моментално настапува во најсилната кошаркарска лига, а тој примат го освои Гркот Јанис Адетокунбо со 27,6 проценти од гласовите. На второто место се пласира Марк Гасол со 24,1 проценти, а трет ветеранот Дирк Новицки со 22,4 проценти доверба од менаџерите на НБА лигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.