Турскиот кошaркарски клуб Галатасарај е казнет со 12 илјади евра, поради тоа што навивачите на овој клуб фрлаа тврди предмети на теренот на дуелот со ЦСКА Москва, после досудената техничка грешка на Дентмон и на клупата, поточно на тренерот Атаман.
До инцидентот дојде откако домашниот кошаркар се обиде да шутира преку Никита Гурбанов и откако не успеа во тоа, се обиде да одглуми фаул. Судиите му доделија техничка грешка, потоа идентична казна доби и тренерот на Галатасарај поради бурно протестирање покрај теренот, што го навлече гневот на домашните навивачи, а следеше и прекин откако судиите накратко се повлекоа во својата соблекувална.
Во тој момент беше погоден еден од претставниците на ЦСКА, поради што тимот од Москва испрати жалба до Евролигата и веднаш стигна парична казна до клубот од Истанбул. Галатасарај во минатото поради слични инциденти играл и пред празни трибини во европските натпреварувања, но јасно е дека ова е „прва опомена“ за овој клуб, кој никако не успева да се избори со хулиганите на своите домашни средби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.